ВИДЕО | Ременски: Јас немам конфликт со наследството на Заев во партијата

Фросина Ременски / Утрински брифинг
Фросина Ременски / Утрински брифинг

СДСМ во последниве недели поминува низ превирања по оставката на Зоран Заев од позицијата претседател на партијата. Вчера својата кандидатура за претседател ја поднесе Димитар Ковачевски, но и проф. Фросина Ременски.

-Мене ми е драго што на одреден начин бев катализатор на одредени демократски процеси во партијата. Можеби мојата кандидатура беше неочекувана бидејќи се лицитираше со други кандидати. Првиот чекор што вчера го направив секако поттикна и други размислувања во партијата и не мислам дека ќе се разводни целиот процес. Себеси се мерам во однос на промовираниот другар Ковачевски и милам дека мојата кандидатура е оправдана. Јас ќе се воздржам од коментирање на кандидатурите на другите другари, вели Ременски за Утрински брифинг.

СДСМ за разлика од другите партии премина на директно гласање на членството за претседател на партијата која има над 80 илјади членови.

-Мислам дека во воспоставениот процес во нашата партија не треба да се сомневаме. Има правила во избирачките одбори секој кандидат да делегира свои луѓе од доверба. Сега е време да се покаже демократскиот капацитет. Минато е времето кога се знаеше и победникот и губитникот на изборите, вели Ременски.

Таа вели дека секогаш партијата по изборни процеси влегува во ситуации кога одредени структури се впуштаат во негативни кампањи против некои членови, а тоа не е добро, вели Ременски потенцирајќи дека ривалитет и заткулисни игри го разводнуваат единството.

-Обединувањето во основа бара искреност, а не само декларативна заложба. Ги анализиравме резултатите од локалните избори и се чини дека претходните процеси во партијата го демотивираа членството. Сметам дека СДСМ малку повеќе излезе од победничките шини и изгуби од своите членови и симпатизери. Тие не препознаа ништо од енергијата што СДСМ ја носеше во 2016 година кога дојде на власт. Сите велат: Ние не се боревме за ова, вели Ременски.

Зоран Заев се повлекува и јасно посочи кој би бил неговиот наследник, Димитар Ковачевски.

-Јас немам конфликт со наследството на Заев во партијата. Тоа што од лани не сум во ИО не значи дека не сум активен член. Неговиот придонес е неспорен, но фактот што тој сака да се повлече не треба да ги потисне амбициите на другите да дојдат на негово место, вели Ременски за Утрински брифинг.

Обвинителката Вилма Русковска го спомена случајот Меѓународен сојуз во кој е инволвирана Ременски како борба против оние заседнати функционери.

-Тоа е случај кој дефинитивно е заговор, а Русковска е дел од антисистемот. Во судница не се одвиваат работите како што вели таа. Кога неправедно ќе обвините правдољубив човек нема тој од што да се срами, треба да се срамат институциите. Очекувам во партијата да не се вклучуваат во пропагандата на Русковска. Па и Заев беше на судска клупа кога беше мандатар, вели Ременски.

Ременски вели дека со работите се зафаќа една по една, ќе почека да ги види резултатите од партиските избори и смета дека не е нужно претседателот на партијата да биде и претседател на Владата.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот