ВИДЕО | Разговор со Максимус Вандал, македонски рап – артист: Бунтовноста, „мрсната рапчина и фристајлот“ се начин на живот!

Максимус Вандал, рап артист, Фото: Приватна архива

Владимир Лукиќ или Максимус Вандал е рап артист кој растел во центарот на Скопје и за себе вели дека од градинка е за „сè можно виновен“. Бидејќи го следела ѕвездата да биде директно или индиректно вклучен од најглупавите до најсериозните така нараечени „фрки“ уште од дете развил посебен начин на изразување – бунтовен! Барајќи се себеси работел во Германија и во угостителство и додека му се трупал мозокот со секакви идеи – од креирање на стрипови, до создавање бренд за улична мода, организирање настани, до пишување текстови, идеи за филм, креирање и компонирање на музика, се обидувал да го усвои неговиот најомилен момент на „рокање фристајл” што според него ја дава титулата за вистински EM-СИ!

– „Фристајлот“ е главната причина за сè , бидејќи е нешто што не го може секој и те издвојува од другите , брзото смислување на рими во моментот е вештина која те прави автентичен и редок човек, вели 24-годишниот Лукиќ.

Каде завршува Владимир Лукиќ и каде почнува Максимус Вандал? Кој е процесот зад создавање на „рап-персона“?

– Владимир ќе заврши кога ќе заврши и Вандал, а пак Вандал започнува уште кога почнал Владимир, псевдонимот не го избрав јас, тој ме избра мене. „Вандал“ е дел од мојот карактер, а самиот псевдоним Максимус Вандал постои 2 години. За креирање рап-персона… мислам дека таков процес не постои бидејќи некои „виши сили“ го кројат твојот пат. Ако ти се сметаш себеси за „нешто“, тоа ќе те најде тебе и потоа нуспојава ќе биде создавање на таа рап-персона. Прво мора да ја најдеш твојата внатрешна персона, па потоа самото ќе стави наставка рап или било што друго. Во кратки црти, ако си РАП ќе знаеш!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by V.Lukic (@maximus.vandal)

Музиката која ја создаваш припаѓа на бум-бам жанрот. Дали ти е најудобно во тој израз или ја продолжуваш локалната хип-хоп традиција?

– Музиката која што ја правам е претежно бум-бап со некои мали финеси на модернизирање, но имам и траки на различна ритам секција и БПМ, од класичниот бум-бап. Мене ми е удобно да снимам доколку ми се допаѓа инструменталот, но во глобала тоа што го правам и го слушам е „мрсна рапчина“ и тоа е мојот стил. Мене ме исполнува рапот и ми лежи тој старошколски звук. Со мојот став и пристап автоматски ја продолжувам традицијата што е градена хронолошки од многу влијателни луѓе – „рап глави” во оваа култура.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by V.Lukic (@maximus.vandal)

 

Скопје е лајтмотив во твоите дела, но темата на градот е изразена преку „Вандализам“. Што те инспирира да рапуваш за местото во кое живееш токму на овој начин?

„СКОПЈЕ РАДОСТ ТИ ЌЕ БИДЕШ……”

– За Скопје сум врзан сентиментално, го мразам па го сакам… во врска сме 25 години, растеме заедно што се вели. Го знам како дише, му ги знам мааните, му ги знам убавите страни, му ја знам историјата и пред да биде со мене, едноставно ми е дом. Во моите песни често знам да го вметнам или да биде целиот концепт. Сум бил дел од неговотo таканаречено подземје, па се до работење (стажирање) во Клиника за Неврологија. Го гледам и доживувам градот на мој начин и можам да кажам дека повеќе сум изреволтиран, отколку инспириран… ама тоа е друга тема. Вандализам e само метафора употребена во позитивна смисла на зборот. Сведоци сме ние „скопјани“, што се случува со урбаната мафија, градење и никнување на згради од паркови, Вардар гние 20 години, улиците низ градот со дупки. Има диплома за „Топ 10 најзагадени градови во светот“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by V.Lukic (@maximus.vandal)

Песните што ги издаваш најчесто се придружени со ликовна уметност. Која е поврзаноста помеѓу двата медиуми и колку си ти вклучен во визуелната креација?

– Позади секое мое дело сакам да има порака, главно контраверзна, баш преку ликовната уметност. За ремек-делото, односно омотот за мојот прв албум „Лирички Вандализам” е виновен Владимир Милич-Вутар/ЕВСФ на кој во оваа прилика срдечено му се заблагодарувам. Со мои насоки, успеа да дојде до продукт од кој бев вчудоневиден, воедно и од неговиот професионализам и вештината за цртање. Беше правиот човек во право време за овој проект. Омотот на мојот втор албум, ЕП-изданието „Петарда“, беше моја идеја и e контраверзна фотографија која лично ја реализирав. Се трудам често да направам фузија од ликовната уметност и музиката.

Кои се твоите музички влијанија?

– Уште од мал сум поврзан со музиката на возвишен начин, растен на исклучиво добра музика – Pink Floyd, Depeche Mode, The Doors, U2, Metallica, Oliver Mandić итн., се само дел од дискографската збирка на татко ми. Во раниот пубертет, веќе почнав сам да си ги наоѓам своите правци како што е рапот. Главни виновници кои ми оставија впечаток и големо влијание беа – Eminem, 2Pac, 50 Cent, Biggie од странската сцена, додека од домашна сцена први огромни импресии сум добил од – Слаткар, Green Out, Легијата, Страјк, СТР2, САФ итн.

Во изминатата година објави два албуми „Лирички Вандализам“ во мај и „Петарда“ на 31 декември. Што може да очекуваме следно од тебе?

– „Three Stripes on my Feet“ и „SKOPJE MDFK“ се траки од новиот албум „Петарда“ кој симболично го носи тоа име и поради тоа беше издаден на 31 декември. За истите се решив да направам видео записи. Кинематограф на спотовите е Борјан Стојков-Мијак, кој имаше доста тешка задача за кратко време да сними два спота. Требаше да се монтираат, средат и да се пуштат во етер исто, за многу кратко време… врти сучи успеавме.

– Сега да го најавам мојот прв хуманитарен настан кој го огранизирам во целост, со подршка од КСП Центар „Јадро“. Ќе биде мини „Woodstock”(се смее, н.з.) oд хуманитарен карактер, за кој ќе дознате повеќе… наскоро!

– Нов „ВАНДАЛИЗАМ“ сигурно во најава за брзо време, се крчка и се шушка наоколу за „Лирички Вандализам“ vol.2… Па ќе видиме, отом-потом. Живеам и правам сè како што тече енергијата. Здравје за сите… бидете тоа што сакате да бидете, верувајте во себеси и никогаш не се откажувајте што и да правите… има падови има радости, среќа, солзи, љубов, болка, тага… сè е дел од циклусот.

– Вие како слушатели можете да очекувате МРСНА РАПЧИНА, а јас не очекувам ништо, го правам пред сè за себеси… можам да кажам дека сум повеќе од задоволен од изработените проекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот