ВИДЕО: Путин поддржа референдуми во четирите украински региони, предупреди на нуклеарна одмазда

Владимир Путин / Фото: EPA-EFE/MICHAEL KLIMENTYEV / SPUTNIK / KREMLIN POOL

Рускиот претседател Владимир Путин ги поддржа референдумите најавени во четири украински региони и ги обвини западните земји дека не се задоволни со мирно решение на украинскиот конфликт и „затоа на Киев му било наредено да ги прекине преговорите”.

Во телевизиско обраќање до јавноста, Путин рече дека „Москва ќе ја поддржи одлуката што ќе ја донесат граѓаните на регионите Донбас, Запорожје и Херсон на референдумите”.

– Ќе ја поддржиме одлуката за иднината, која ќе ја донесат мнозинството граѓани на Доњецката и Луганската народна република, Запорожје и Херсонската област, рече Путин.

Тој нагласи дека Русија ќе направи сè што е во нејзина моќ за да ја обезбеди безбедноста на референдумот.

Путин рече дека „терористичките напади, во кои се користи западно оружје, веќе се користат во пограничните населби на регионите Белгород и Курск, кои се наоѓаат во Русија”.

Рускиот претседател Владимир Путин, во денешното телевизиско обраќање до нацијата, објави дека дал инструкции за изедначување на правниот статус на доброволците во воената операција во Украина и борците во Донбас со руските војници.

„Веќе дадов инструкции до Владата и Министерството за одбрана во целост и во најкус можен рок да го дефинираат правниот статус на доброволците и борците на единиците на народните републики Доњецк и Луганск. Тој треба да биде еднаков на статусот на војник на редовната руска армија”, рече Путин.

„Само граѓаните кои моментално се во резерва, пред се оние со искуство, ќе бидат предмет на делумна мобилизација”, рече Путин денеска во телевизиско обраќање.

Договорите за служба во вооружените сили на Русија ќе важат до крајот на периодот на делумна мобилизација, се вели во декретот на рускиот претседател објавен денеска.

„Договорите за воениот рок склучени од војници остануваат во сила до крајот на периодот на делумна мобилизација, со исклучок на случаи на напуштање на воениот рок од причините утврдени со овој правилник”, се наведува во документот.

Во декретот на Путин, објавен денеска, се прецизира дека највисоките функционери во регионите на земјата ќе треба да обезбедат делумна мобилизација во рокот што за тој регион го одреди Министерството за одбрана.

Претседателот на Русија денеска објави делумна мобилизација во земјата со цел да се зголеми бројот на војници во воениот конфликт во Украина.

Во обраќањето што го пренесе руската телевизија Прва, Путин рече дека веќе го потпишал указот за делумна мобилизација, која ќе започне денеска.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека делумната мобилизација што ја најави рускиот претседател Владимир Путин се однесува на лица со воено искуство и најави дека ќе бидат повикани 300.000 резервисти.

Шојгу, обраќајќи и се на јавноста по Путин, рече дека оние што ќе бидат повикани ќе поминат воена обука пред да бидат распоредени.

Според него, „речиси целата сателитска мрежа на НАТО работи против Русија во Украина” и „Украина се повеќе користи западно оружје за да напаѓа цивили”.

Шојгу рече дека Западот и доставува оружје на Украина во огромни количини.

Тој тврди дека Русија изгубила 5.937 луѓе во „специјалната воена операција во Украина”, а Украина половина од армијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот