ВИДЕО | Поцеска: Заштита на Курбиново може да се заврши во следните две години

Министерката Ирена Стефоска на 30 октомври изврши увид во тековните активности на неколку значајни културни добра во Преспанскиот регион, а посетата ја почна со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново (Фотографија: Министерство за култура)

Завод за заштита и музеј – Битола која е надлежна институција за заштита на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново во моментов го подготвува објектот да презими за да напролет продолжат конзерваторските работи. Институцијата работи според проект во чија изработка учествувале еминентни експерти од сферата на архитектурата и градежништвото.

„На терен се спроведува првата фаза на заштитата на Курбиново. Од статички аспект можеме да кажеме дека црквата е стабилна а од надворешната страна на ѕидовите моментално се детектираат основните проблеми на архитектурата за да подоцна можат да се извршат конкретни интервенции од аспект на зајакнување на ѕидовите во коишто има пукнатини. Ѕидовите на самата црква кои се со дебелина од 80 сантиметри се чистат од нанесени фуги во длабочина од 1 до 2 сантиметри и мора да нагласам дека не се работи за оригинални малтери од 12-от век, туку за материјали нанаесени во неколку подоцнежни интервенции во кои се применувани најразлични, меѓу другото и несоодветни материјали.

Сега, во оваа фаза интервенциите ќе се прават со специјални конзерваторски материјали кои за оваа намена се набавени од Италија. Притоа, стручните тимови ќе пристапат со крајно внимаие за да се сочуваат оригиналните малтери од 12. век. Поволните временски услови во моментов го дозволуваат тоа. Веќе е заштитена покривната конструкција, поставено е скеле околу објектот и околу скелето ќе се постави заштитна обвивка која ќе го штити објектот од надворешни влијанија. Во внатрешноста на црквата поставени се специјални мерни апарати за контрола на внатрешната микроклима. Во оваа фаза повторно ќе бидат ангажирани стручњаци од Институтот за земјотресно инженерство кои ќе дадат свое стручно мислење за неопходните интервенции на објектот.

-Би сакала јавноста да знае дека со крајно внимание, со стручност и со љубов се работи во Курбиново. Сите инволвирани во неговото спасување се свесни за одговорноста која ја имаат не само пред јавноста, туку и во однос на ова непроценливо културно богатство“, рече за Утрински брифинг, Валентина Поцеска, долгогодишен конзерватор и советничка на министерката за култура за заштита на културното наследство. Таа најави дека во текот на следната година ќе се изработи проект за конзервација на фреските во Курбиново, а ќе се поканат и експерти од странство, бидејќи се случува алармантно намалување на стручен кадар од сферата на заштитата. А во соработка со Министерството за образование и наука, Поцеска кажа дека се планира отворање на студиска програма за конзервација и реставрација.

ВИДЕО | Шопова: Курбиново ќе биде ставено на листата на УНЕСКО

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот