Фото: Screenshot/X

ВИДЕО | Париз во хаос и по новата титула на ПСЖ: Уапсени се над 400 хулигани, има и повредени

Прославата на триумфот на ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите беше засенета од жестоки судири меѓу навивачите и полицијата низ Франција, при што беа уапсени повеќе од 400 лица.

Според информациите на „Би-Би-Си“, илјадници полицајци биле распоредени на улиците за да ги спречат немирите кои предизвикале сериозни нарушувања во автобускиот, железничкиот и градскиот сообраќај во Париз.

Во текот на ноќта биле испукувани огномети и факели, а неколкумина полицајци се здобиле со повреди. Во одредени делови од француската престолнина полицијата употребила и солзавец за да ги растера насобраните групи навивачи.

Од француското Министерство за внатрешни работи соопштија дека за време на инцидентите биле оштетени шест возила, два деловни објекти и една автобуска постојка. Вкупно биле приведени 416 лица, од кои 280 во Париз.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека седум полицајци биле повредени, оценувајќи ги случувањата како „апсолутно неприфатливи“.

Лидерката на крајната десница Марин Ле Пен реагираше преку социјалните мрежи, посочувајќи дека само во Франција победа на фудбалски клуб може да предизвика вакви немири.

„Само во Франција луѓето се чувствуваат принудени да останат заклучени во своите домови за време на прослава на спортски успех, за да избегнат насилство“, напиша Ле Пен.

 

Слични сцени беа забележани и минатата година по освојувањето на европската титула од страна на ПСЖ, кога во немирите животот го загубија две лица, меѓу кои и 17-годишно момче.

Потсетување, ПСЖ до новата титула во Лигата на шампионите стигна по драматична пенал-серија против Арсенал, освојувајќи го престижниот трофеј втора година по ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот