ВИДЕО | Отворен првиот Пет френдли клуб во скопската гимназија „Никола Карев“
Првиот училишен Пет френдли клуб, се отвори вчера во скопската гимназија „Никола Карев“. Клубот е организиран од учениците во училиштето. Идејата за отварање на ваков клуб доаѓа од таму што дел од учениците за време на летниот распуст волонтирале во Јавното претпријатие „Лајка“ и кога биле прашани каква активност би сакале да направат за овогодинешниот патронат, тие ја споделиле идејата за отворање на „Пет френдли училишен клуб“.
Препорачано
Доказ за љубовта на учениците кон животните е и нивното училишно куче – Коста, за кое сите заедно се грижат, му носат храна, вода и ќебиња за да му биде топло. Оваа хуманитарна акција наменета за животните ја прошириле така што на часовите по ликовна уметност, тие ги користеле старите клупи и столчиња за да можат да направат куќички за престој за уличните кучиња.
Разговаравме и со професорката Марина Ристовска, професорка по книжевност, која се јави во улога на организатор на оваа акција, заедно со учениците.
– Пет Френдли клубот е иницијатива којашто потекна од самите ученици. Тие летово волонтираа во стационарот за бездомни кучиња, ЈП „Лајка“ и самите ученици ја дадоа идејата да направиме нешто со што би им помогнале на бездомните животни. Од сѐ срце ја прифативме оваа иницијатива која досега покажа најголем одѕив од страна на учениците. Мило ми е што сме прво училиште во Македонија со ваква иницијатива, а кон оваа акција веќе сакаат да се приклучат и останатите училишта со кои имаме контакт- вели Ристовска.

Овој настан беше поддржан и од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје од каде што ја поздравија оваа идеја и повикаа на поголема едукација за милениците:
– Ова е наша прва соработка со средното училиште „Никола Карев“. Тука сме да ја поддржиме нивната акција и со тоа сакаме преку едукација да им покажеме на учениците како правилно да се грижат и да ги негуваат милениците, сè со цел тие да бидат одговорни сопственици. Оваа иницијатива е за поздрав. Со тоа докажуваат дека имаат емпатија, бидејќи мачките и кучињата немаат глас, ние сме нивниот глас – изјавија претставниците од Центарот за кариера на ФВМС.

Својот став и мислење за отворањето на училишните Пет френдли клубови, даде и директорката на ЈП Лајка, Радмила Пешева, која беше пријатно изненадена од акцијата на учениците и повика на повеќе вакви акции.
– Секое продлабочување и ширење на оваа идеја може да има само позитивен имапкт и да остави белег. Емпатата и хуманоста кон животните нѐ прави целосно добри луѓе, кон било која друга проблематика којашто инволвира хуманост и хумано однесување- вели Пешева.
Инаку, создавањето на Пет френдли клуб е во рамките на одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на училиштето „Никола Карев“, јубилеј кој беше проследен со многу активности.

Директорот на средното училиште, Андреј Манолев, за „Слободен печат“, зборуваше за активностите кои ги подготвувале учениците изминатава недела за јубилејот.
– Средното училиште „Никола Карев“ неделава одбележува јубилеј – 80 години од постоењето на гимназијата. Во текот на целата недела го одбележуваме патронатот и досега се спроведе крводарителска акција, имавме ораторски дел, панел – дискусија, настан организиран од активот по италијански јазик каде се гледаа италијански филмови и имаше дегустација на италијанска храна. Се организираше и еколошка акција, концерт на мандолински оркестар, доделување награди и признанија за првенците на секој од класовите и многу други акции- вели Манолев.


