ВИДЕО | „Не смееме да заборавиме“ – порачаа присутните на годишнината од трагедијата во Кочани
Со петминутен молк, свеќи и многу емоции, родителите и блиските на жртвите во најголемата трагедија во современа Македонија – пожарот во „Пулс“ – симболично се собраа во 02:32 часот, времето на несреќата пред дискотеката.
Препорачано
Пред присутните на собирот, организиран од Здружението „16 март 2025 Кочани“, се обрати активистот Борјан Ефтимов, кој упати емотивни зборови до семејствата и ја истакна важноста на истрајноста во потрагата по правда.
„Кога ми се јави Марија и ме праша дали вечерва ќе говорам во име на семејствата – останав без зборови. Останав без зборови бидејќи не знам дали постои збор кој е соодветен за трагедијата со којашто вие и сите ние се соочивме. Трагедија којашто засекогаш ќе остане дел од болката на македонскиот народ. Останав без зборови од страв дека не постои збор што може да го кажам и да биде доволен за да го опише тоа што вие и сите ние го загубивме. Но, токму зборовите се тоа што нè држи во живот.
Борбата на обичниот човек за правда е борба за помнење наспроти заборавот. Сите ние сме заедно во ова. Заедно почнавме и заедно ќе продолжиме. Сакам да се погледнете сите помеѓу вас. Токму вие, семејствата и пријателите, покажавте што значи да не се заборави. Покажавте што значи љубов. Покажавте што значи грижа. Сите ние, секој на свој начин, го продолжуваме споменот, животот и меморијата на ангелите кои ги загубивме на 16. март.
Како што Чемерски, камен по камен, го создал вечниот Мозаик на слободата, така и ние со нашите дела, борба грижа и љубов го креираме мозаикот преку којшто ангелите ќе продолжат да живеат во вечноста и сеќавањето на македонскиот народ. Ве повикувам со петминутен молк да се потсетиме на жртвите и да се потсетиме, зошто не смее да заборавиме“, истакна Ефтимов.
Во Кочани се одржаа повеќе настани. Пред дискотеката беа поставени 63 бели срциња, на кои е испишано името и годината на раѓање на сите 63 загинати, се одржаа велосипедска тура и кошаркарски натпревар, а беше промовирана и книгата „Ќе те има“ од авторката Марина Стојчевска, која зборува за болката, сеќавањата и љубовта посветена на 63 млади изгубени живот.
Беше организирана и Меѓународната конференција „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, на која беа презентирани искуствата на здравствениот систем – од првичната интервенција и спасувањето човечки животи, до третманот, рехабилитацијата и системските решенија што треба да ја направат нашата држава институционално уште поподготвена во иднина.
Во Центарот за култура „Бели мугри“ денеска ќе се одржи комеморативен настан во спомен на загинатите во пожарот.


