(ВИДЕО) Наташа Димитриевска: „Очекувам затворска казна. Тоа е најмалата сатисфакција што можам да ја добијам во оваа фаза!“

Наташа Димитриевска поденсува претставка во Судски совет / 07.09.2020 / Скопје / Фото: Слободен печат.

Имав наплив на емоции и пуштив солзи, судијката ме опомена да се смирам, бидејќи тоа сепак било судница. Не можеше да сфати дека сепак ми е уништен животот, не знае кој е Гоце и какви ни беа желбите. Не е уништен само неговиот живот, туку и на семејствата и пријателите, вели Димитриевска.

Тетовчанката Наташа Димитриевска, денеска поднесе претставка до Судскиот совет поради, како што вели, непочитувањето на Елена Илиевска Јосифовиќ на судската функција и судското работење, како и нејзините законски обврски, која пак досуди условна затворска казна на сторителот на кобната сообраќајна несреќа кај Млечниот ресторан во Скопје.

Според неа загубениот живот на Гоце Димитриевски загубениот плод за судијата немале никакво значење и при постапувањето било одлучено пристрасно. Димитриевска сводичи дека била и отстранета од судницата поради наплив на емоции, во моментите кога Васил Ч. признавал вина.

Од Судскиот совет, пак, кусо не информираа дека поднесената претставка за судијката ќе биде разгледувана на првата наредна седница наредната недела, а за самото дело ќе почекаат да видат дали Обвинителството ќе покрене жалба до Апелативниот суд.

Сепак, Димитриевска изнесе низа критики и на работата на Обвинителството, за претставка за обвинителката која го води случајот, Снежана Бундалевска, ќе поднесе в среда. Додаде дека обвинителката не ги обезбедила и сите неопходни медицински документи за да ги приложи кон обвинителниот акт.

– Борбата со Обвинителството е поради предолгото водење на овој предмет. Настанот е случен во 2018, а се поднесе обвинението на 21.02.2020 година. Се обратив со писмо до Обвинителството за текот на постапката, не добив одговор зошто актот беше одолговлечен. Не е во ред и што квалификацијата на делото е небрежност, а не е со умисла, бидејќи има забрана за вртење лево на полни ленти. Обвинителката ги немаше прибавени и сите документи неопходни за диспозитивот и всушност стана дел од одбраната, открива Димитриевска.

Таа додаде дека обвинителката во завршниот збор била пристрасна, бидејќи истакнала дека на Васил многу му било тешко поради последиците што ги предизвикал и дека имал огромно каење, па сепак побарала да биде прогласен за виновен.

Од друга страна, пак, од Обвинителството најавија жалба до Апелација, но чекаат да ја добијат писмената пресудата. Оттаму остануваат цврсто на квалификацијата на обвинителниот акт.

– Од анализа на сите обезбедени докази и утврдената состојба, од кривично-правен аспект неспорно произлегува дека обвинетиот кривичното дело го сторил од небрежност, а не од умисла, бидејќи не направил сообраќаен пропуст кој би укажал на тоа дека свесно и волево ја предизвикал штетната последица – на раскрсница навлегол на зелено светло и возилото не го управувал под дејство на алкохол. Сообраќајните пропусти надлежниот јавен обвинител ги исцрпи од извршеното сообраќајно-техничко вештачење, истакнуваат пак од Обвинителството.

Димитриевска, пред портите на Судскиот совет, во емотивниот говор се потсети и на кобниот ден и замолчи трагедијата да не се претвори во политичка игра и добивање на политички поени, бидејќи целта е казна за секој од сторителите на кривичните дела, не само за Васил Ч.

– Во најтешките моменти Васил не пријде до мене или пак Гоце за да приужи било каква помош, за разлика од сите хумани луѓе што се најдоа таму, тие повикаа Брза помош. За разлика од нив, Васил Ч. бараше телефонски помош и не побара Брза помош, за барем малку да биде хуман при тој чин на несреќа. Првото амбулантно возило го зема Гоце, а после 10-тина минути пристигна и за мене. На Гоце му утврдија смрт на Клиника, а мене ме примија за тешки операции, што се уште не се завршени до крај, дополнително треба да бидам оперирана кај стапалото, затоа што лекарите сметале дека е преризично да се врши таа операција врз мене, затоа што ми зависел животот и премногу сум крвавела. Васил воопшто не дојде да ме посети, нагласи Димитриевска.

Таа категорично најави исполнување на целите и покрај борбата со правосудството.

– Очекувам затворска казна. Тоа е најмалата сатисфакција што можам да ја добијам во оваа фаза, во овој предмет. Никој не може да го врати животот на Гоце или мојот претходен живот. Животот нема да ми биде како претходно, но затворската казна би ми била мала сатисфакција по однос на сето ова. Како што кажа судијата – не се секирајте, отштетата ќе ви биде пресудена, ќе бидете упатени на граѓанска парница и трошоците на постапката, но тоа нема да го врати Гоце во живот и претходниот наш живот. Финансиите овде не се проблемот и никому не е дојдено до тие финансии, заклучи Наташа Димитриевска.

Инаку, претседателот на Кривичниот суд, за денеска најави коментар за судската пресуда, во која Васил Ч. беше осуден на условна затворска казна, но од судот кусо не информираа дека денеска ќе пратат единствено соопштение.

Дел од изјавата на Наташа Димитриевска проследете ја во видеото:

Некои условни казни бараат безусловни реформи

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот