Некои условни казни бараат безусловни реформи

Фото: Приватна архива

Не стивнуваат реакциите на сметка на работата на судиите, откако бизнисмен призна вина за причинета сообраќајна несреќа со човечки жртви, а судот му определи една година условна затворска казна. Во сообраќајката загина 32-годишниот Гоце Димитриевски, а неговата сопруга Наташа Апостолоска, која во тој момент беше бремена, од последиците на ударот го загуби плодот, а со тешки повреди заврши во болница.

По две години од настанот, судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, на осудениот Васил Ч. кој преминал преку двојна полна линија и им го пресекол патот на Димитриевци кои се возеле на мотоцикл, му изрече само две години условна казна со која му се одредува затвор во случај да го повтори прекршокот во рок од 12 месеци, што предизвика бурни реакции во јавноста поради тоа што станува збор за сообраќајка со смртни последици. Судијата Јосифовиќ условната казна ја образложи со каење и признавање на вина за делото. Неофицијално, осудениот и претходно учествувал во помали сообраќајни инциденти.

Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев, откри дека не ги знае деталите за случајот, но додаде дека ќе има коментар на почетокот на неделава, откако ќе добие повеќе информации за предметот.

Новиот министер за правда Бојан Маричиќ, во емисијата „360 степен“, изјави дека е добро што самото судство покажува интерес да ги решава прашањата за кои јавноста ги прозива и што претседателот на судот најавил коментар за целиот настан.

„Тоа што граѓаните се сомневаат во дел од пресудите е најсилниот мотив за прочитување на судството кое ќе биде спроведено во нашиот мандат”, заклучи министерот на Маричиќ.

Ваквата изјава на министерот, преку фејсбук-статус, ја искоментира и портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Додека неговиот сектор не си ја врши работата, Маричиќ пробува да се оправда самиот така што се мотивирал да прочистува судство”, напиша Арсовски, а од неговата партија побараа целосна ревизија на пресудата.

Бура од револт

Иницијална каписла за бурата од револт беше фејсбук-статусот на Апостолоска, која и самата е адвокатка.

„Денеска во Името на граѓаните на РСМ, судијката Елена Илиевска Јосифовиќ при ОС Скопје 1, му изрече условна пресуда на оној кој ми го одзеде сопругот на 32 години, ми го одзеде бебето, а мене ме остави со тешки телесни повреди! Само затоа што признал! Дно дна!“, напиша Апостолоска во петокот, по што притигнаа стотици негативни коментари, во кои прстот беше вперен кон судиите од Кривичниот суд.

Апостолоска додаде дека Јавното обвинителство, за пресудата, ќе поднесе жалба до Апелативниот суд, а правдата ќе ја бара и преку Судскиот совет, каде ќе поднесе пријава за судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, по што нејзината работа се очекува да биде преиспитувана.

„Единствено образложение кое го даде судијката е дека признал вина, а тој не ни дојде денес, а ни од ОЈО не дојдоа. Сė друго ќе образложеле во пресуда, со тоа што ми потенцираше дека за штета и трошоци ќе ми досуделе, како да тоа ми значи во животот кога го изгубив најсаканото – животот,“ напиша Апостолоска на Фејсбук.

Бес и огорченост се наѕираше и во статусот на таткото на загинатиот Гоце, Зоран Димитриевски, кој пак сподели дека тој што одзел животи и уништил животи на фамилии е слободен, додавајќи дека ваквата пресуда е последица на нашето судство и обвинителство и, како што вели, целиот „судски синџир на заплеткувања”.

На социјалните мрежи експресно се популаризираше хаштагот #ПравдаЗаГоце, каде корисниците ја оценуваат пресудата како шокантна, а на адреса на правосудниот систем пристигнуваат лавина негодувања. „Ми се гади ова „во името на граѓаните” што судиите го злоупотребуваат”, „ОС Скопје 1 е старо дувло на корумпирани судии”, „поради ова не работам како правник, иако сум магистер“, гласат дел од коментарите, а веќе се споделува и најава за протест, со апел истиот да не се политизира.

Судијката Јосифовиќ не сакаше да му го одземе пасошот на Мијалков

Името на судијката Јосифовиќ стана познато во јавноста уште во 2016 година, откако дел од предметите на тогашното Специјално јавно обвинителство паднаа во нејзини раце, а обвинителите бараа таа да се изземе, бидејќи имала недоследности при одлучувањето за мерките што ги определува. Како пример го посочија неодземањето на пасошот на обвинетиот во случајот „Трезор”, Сашо Мијалков.

Иако е назначена за судијка во Кривичниот суди во 2011 година, по само пет години таа се најде и во Извештајот на американскиот Стејт департмент за земјава, во делот на правосудството.

„Во текот на годината, извесен број судии изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на СЈО”, се вели во Извештајот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот