ВИДЕО | Најмалку тројца мртви во експлозија за време на молитва во Индија

Керала експлозија / Фото: Arun CHANDRABOSE / AFP / Profimedia

Полицијата во Индија отвори истрага на високо ниво по серијата експлозии во јужната држава Керала, при што загинаа три, а беа повредени над 50 лица. Експлозиите се случиле за време на настан на Јеховините сведоци, религиозно движење засновано на христијанството, во неделата, пренесува Би-Би-Си.

Еден човек бил приведен откако објавил видео во кое ја презема одговорноста за нападите, па се предал. Полицијата соопшти дека се уште се обидува да го потврди неговото признание.

„Тој е во наш притвор, но досега не сме го снимиле неговото апсење. Сè уште се обидуваме да ја утврдиме вистинитоста на неговата изјава, ќе биде потребно извесно време“, изјави за Ројтерс службеникот за односи со јавноста на полицијата во Керала, Прамод Кумар.

Инцидентот се случил за време на сесијата за молитва организирана од Јеховините сведоци во градот Каламасери. Над 2.000 следбеници присуствуваа на тридневниот настан.

Две лица починале во неделата, додека 12-годишно девојче со 95 отсто изгореници им подлегнало на повредите во понеделникот наутро.

Високиот полициски функционер Шаик Дарвеш Сахеб рече дека прелиминарната истрага покажала дека експлозиите можеби ги предизвикала импровизирана експлозивна направа (ИЕД) поставена во кутија.

Набргу по инцидентот, човек по име Доминик Мартин ја презел одговорноста за нападот. 48-годишникот го објави своето признание на видео на Фејсбук, кое во меѓувреме е избришано и се предаде во блиската полициска станица.

Мартин тврдел дека е регистриран член на религиозната група и дека е лут на нејзините „антинационални“ учења. Но, Та Срекумар, регионален портпарол на движењето, го негираше ова и изјави за Ројтерс дека не знаел дали Мартин воопшто бил присутен на настанот.

Во понеделникот, министерката за здравство на Керала, Вена Џорџ, изјави за новинарите дека 17 лица биле примени во различни болници од кои 12 биле на интензивна нега.

„Четворица се критично повредени, тројца од нив се на вентилатор. Оние кои се критично повредени имаат изгореници над 50-60 отсто“, рече таа.

Главниот индиски министер Пинараји Виџајан го осуди инцидентот и најави дека 20-член тим, предводен од помошникот генерален директор на полицијата, го истражува инцидентот. Тој рече дека во понеделник ќе одржи сепартиски состанок на кој ќе се разговара за следните чекори. Во меѓувреме, безбедноста е засилена во главниот град на Индија, Делхи и во други градови како Мумбаи поради експлозиите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот