ВИДЕО: МЗТ Скопје поразен од дебитантот во АБА 2 лигата

Бојан Крстевски/фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

Првиот натпревар при „враќањето “ во АБА 2 лигата беше далеку од добар и позитивен за македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром кој загуби уште на стартот на турнирот во Суботица откако загуби од дебитантот во ова натпреварување Цедевита Јуниор од Хрватска со 79:92.

Одлично, пред сè, шутираа противничките играчи во првите 10 минути. Погодија пет тројки од шест обиди, и воопшто не е чудно што на крајот дојдоа до бројката од 30 поени. МЗТ имаше шест помалку, за солидно водство на екипата од Загреб.

фото: ABA League j.t.d./Dragana Stjepanovic

За разлика од веројатно најискусниот тим во оваа конкуренција, Цедевита Јуниор продолжи во ист, шутерски ритам и во втората четвртина, налик на првата, реализираше дури 29, или вкупно 59 до полувремето. Минути од играта во која младиот состав, предводен од Дамир Мулаомеровиќ „побегна“ и на позитива од 22 поени. Во 18 минута, Цедевита Јуниор имаше највисоки 57:35.

И само благодарение на присебноста на В. Стојановски, „металците“, кои во меѓувреме останаа без помошта на Баковиќ, не навлегоа во уште повисок минус. Имаа „само“ 43:59 по 20 минути. МЗТ делуваше неповрзано, без вистински идеи во нападот, премногу индивидуални акции, во кои, макар и на моменти, добија реализација токму од В. Стојановски и Ворку кои собраа 21 поен.

Се обидуваа „сино-белите“ во продолжението да симнат дел од високата негатива. Сè што успеаја, во третиот период, е да имаат минус од 13 поени. В. Стојановски продолжи со својата стандардно добра игра во нападот, доби помош, макар и делумна од Робев, потоа и Танасковиќ. По три четвртини, Цедевита Јуниор водеше против МЗТ Скопје Аеродром со 77:64.

Ништо не се промени ни во последниот дел од играта. Играчите на Васко Атанасов немаа сили да направат нешто повеќе од она што се обидуваа во претходните три, и мораа да се помират со првиот пораз во новото издание на АБА 2 лигата. Најефикасен во редовите на МЗТ беше В. Стојановски со 16 поени, два помалку запиша Расел. Кај Хрватите доминираше Кучиќ со 22 поени, а 18 имаше Рашиќ.

– За нас многу тежок натпревар, кој треба да го заборавиме што побрзо. Многу нè поремети повредата на Марко Баковиќ на почетокот, така што за нас генерално сè треба да подобриме за следниот меч за да очекуваме некоја победа – рече тренерот на МЗТ Атанасов по завршувањето на мечот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот