ВИДЕО | Мицкоски: Нема да учествувам на лидерска кај Пендаровски, тој не е лидер на партија – лидерска само во Влада

Христијан Мицкоски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Изминатите 100 дена на Владата се вистинско фијаско и продолжение на низата која трае четири долги години – години на промашувања, криминал и неуспеси. Ова се најлошите 100 дена на кој било Влада во македонската современа држава.

Вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги оцени првите три месеци од мандатот на актуелната Влада.

Мицкоски, притоа истакна дека тој нема да учествува на евентуална лидерска средба којашто би дошла по иницијатива на претседателот на државата, Стево Пендаровски, туку ВМРО-ДПМНЕ би седнала на маса со останатите партиски лидери само ако иницијатива за таква средба дојде од Владата.

-Не ја гледам улогата на Пендаровски во оваа лидерска средба, Пендаровски не е лидер на политичка партија. Во еден такот формат, којшто би бил организиран од него нема да учествувам во една таква средба бидејќи не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во една таква лидерска средба“, рече Мицкоски.

Претходно, премиерот Заев рече дека тој до крајот на годинава планира лидерска средба којашто би ја свикал лично тој ако иницијатива претходно не дојде од шефот на државата.

Мицкоски на прес-конференција која почна додека е во тек владиниот онлајн отчет за сработеното во првите 100 дена, рече дека изминатите 100 дена се 100 дена на загубена иднина, загубена економија, загубена правда, загубена вистина, загубени животи, загубено достоинство и атакуван идентитет.

-Ова се 100 дена на загубени штедни влогови, упропастена банка, загубени пари, илјадници загубени работни места, загуби за земјолците, бизнисот, загубени инвестиции. Ветуваа живот, а по изборниот инженеринг составија Влада со ветување – можеме повеќе и подобро, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ и влеговме во рецесија, поскапе струјата, се загубија животи поради неспособност да се манаџира здравството, истакна Мицкоски.

Според него, сегашната Влада не може да ги менаџира ни економијата, образованието и надворешната политика. Нема ниту еден капитален проект, гасификацијата доцни, а повеќето граѓани живеат со по две евра на ден.

-И не само тоа, туку и многу лажат, тоа е за нив секојдневие. Нормална држава овие работи не би издржала, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, Мицкоски бараше итна лидерска средба на 9ти декември месецов, односно пред пет дена.

Мицкоски: Лидерска средба веднаш!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот