ВИДЕО | Културните работници излегоа на протест пред МОБ, му рекоа на Љутков: „Ја уби културата“
Поради укинувањето на Колективниот договор за култура, што предизвика отворен конфликт помеѓу државата и вработените во овој сектор, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) вчера организираше протестен собир пред Македонската опера и балет (МОБ).
Препорачано
Културните работници излегоа со транспаренти и со остри критики насочени директно кон ресорниот министер, Зоран Љутков.
На протестот пред МОБ, присутните преку пароли го изразија револтот од, како што велат, негрижата за нивниот труд. Меѓу пораките кои можеа да се видат на транспарентите беа:
„Секоја улога носи години труд на грб“, „Трудот во културата не е трошок“ „Аплаузот не плаќа сметки“.
Дел од пораките беа адресирани лично до министерот за култура и туризам. На еден од транспарентите, придружен со илустрација на „мртов“ колективен договор, беше испишано: „Љутков, твоите колеги ќе помнат дека ја уби културата“.
„Платите се кратат, а правосилните судски пресуди се игнорираат“
По протестот, СКРМ се огласи и преку официјално соопштение на социјалните мрежи, каде директно му одговорија на министерот Љутков на неговите тврдења дека Синдикатот дејствува политички поради страв од губење на членството.
„Не министре, не мора да ја извртувате вистината за да го оправдате делувањето на СКРМ. Со ваквиот однос не го дискредитирате Синдикатот, туку само потврдувате зошто постои потребата од неговата борба“, порачаа од СКРМ, додавајќи дека Колективниот договор не е ничија политичка алатка, туку резултат на долгогодишна борба и гаранција за достоинството на вработените.
Синдикатот обвини за континуирано кратење на примањата. Според неговите податоци, иако ресорното министерство било запознаено со проблемот околу пресметката на платите, во 2025 година платите во културата биле намалени за 3 отсто, а годинава тоа намалување достигнало дури до 6 отсто од она што е пропишано во колективните договори.
Дополнителен револт, велат од Синдикатот, предизвикува фактот што државата не ги почитува одлуките на судовите.
„За ова постојат и конкретни правни потврди — повеќе од 60 првостепени судски пресуди во корист на вработените, од кои осум се правосилни. Но, наместо почитување на судските одлуки за коишто самиот пред цела јавност кажавте дека ќе ги почитувате, ние сме сведоци на нивно тотално игнорирање и потценување. А денес сме сведоци и на стопирање на судските процеси додека Уставниот суд не се произнесе“, посочуваат од Синдикатот.
Своето обраќање до министерот, културните работници го завршија во нивен, препознатлив стил: „Министре многу лоша улогата, напуштете ја сцената!“
Културни работници на протест пред Уставен суд порачаа „Рацете подалеку од Колективниот договор“


