ВИДЕО | Ксенија Николова за својата борба за потомство: Голема мотивација за сите жени и парови кои ја водат оваа битка

Фото: Принтскрин/Инстаграм

Писателката Ксенија Николова веќе подолг период искрено зборува за борбата да се оствари како мајка, со цел да ги поттикне сите жени и парови кои водат иста битка како таа и нејзиниот партнер да не се откажуваат и да бидат истрајни.
Иако многу пати преку социјалните мрежи зборуваше на оваа тема, вчера Ксенија објави 15 минутно видео во кое зборува за своето лично досегашно искуство и сета емоционална борба која ја води во целиот период од кога решава да се обиде со ИВФ методот.

„15 минути НЕцензурирана искреност на тема ИВФ. Не ми беше лесно да го снимам видеово, да знаете“ – напиша таа во описот на видеото

„Морам да кажам дека ин витро процесот е нешто најтешко што сум го искусила во својот живот, а верувам дека сум искусила доста нешта во смисла на потешкотии, проблеми и неочекувани ситуации, но овие работи постојано мислиме дека им се случуваат на други луѓе, а всушност може да се случат секому.

Многу е чуден процесот како одеднаш сфаќаш како посериозно треба да се позанимаваш на таа тема и како од еден докторски преглед животот ти се претвора во чекање по чекални постојано и низа процеси, прегледи за на крај да се дојде до нешто конкретно, но повторно да не се најде одговорот затоа што ова е една таква многу сложена ситуација, каде што многу често и докторите немаат одговор“ – вели Ксенија во своеото видео

Иако бројните прегледи не укажувале на никаков проблем таа и нејзиниот партнер да се реализираат како родители, сепак желбата за потомство не се остварувала. Ксенија се одлучила за асистирана репродукција или попозната како ИВФ метода или ин витро оплодување. Иако очекувањата биле големи уште при првото ин витро оплодување, како што вели и Ксенија нештата не секогаш излегуваат како што ние самите веруваме и се надеваме.

„Затоа што се обидуваш и правиш неколку инсеминиации кои што навистина не се ништо во споредба со ин-витрото и на крај сфаќаш дека си случај којшто треба да се третира со ин-витро, но дефинитивно се надеваш дека ќе биде од прва што е многу слатко и наивно и искрено, затоа што јас сметав дека сега ќе биде.

И тогаш кога добиваш негативен резултат од првото ин-витро си велиш, ‘во ред, ретко каде и кога и што бива од прва’ и велиш ‘ајде ќе пробаме пак’. Не бива од вторпат и велиш, ‘во ред’, имаш два неуспешни обиди зад себе, но, ‘не се предаваме, одиме пак’.

Стигнуваш до трета цифра неуспешни обиди и сфаќаш дека ги претркуваш луѓето со коишто си делел мислење и искуства на темата, затоа што веќе имаш цифра на неуспешни обиди“ – вели таа.

По третото неуспешно ин витро, емоционапната исцрпеност, разочарувањата и чувството на неизвесност, емпатичноста на Ксенија е толку силна што сака да ги мотивира сите жени кои поминуваат низ овој процес.

Секогаш искрена, Ксенија во своето видео зборува за фактот дека најголемиот пристисок паѓа врз жените кои поминуваат низ овој процес, а притоа ја отвори и темата како истиот процес делува врз еден пар кој се надева на потомство.

„Предизвикот за една двојка да го издржи ова е многу голем. Затоа што на крајот многу двојки така се разделиле, затоа што невозможно е да не се случи гнев, расправија, тензија, нервоза која доаѓа од тоа што сѐ е тешко.

Зошто ова што на другите луѓе што им оди толку лесно, нам ни оди толку тешко? Но, тука е трикот да се остане силен и да се остане во баланс.

Затоа никогаш нема никого да осудам којшто се разделил заради оваа битка, затоа што многу нешта кои што се значајни испливуваат на површина во оваа битка“ – вели Ксенија во своето видео.

На крајот на своеото обраќање писателката испрати порака до сите кои се почетокот на овој процес и оние кои сѐ уште се борат да се реализираат во улогата на родители.

 

„Секој пат е различен, знам колку ви е тешко, но не можам да знам каков е вашиот пат, затоа што секој пат е индивидуално болен и индивидуално комплексен.

Многу нешта ќе откриеме за себеси на тој пат. Кога сево ова ќе заврши ќе видиме што ќе се случи, која била лекцијата, која била пораката и дефинитивно ќе видиме зошто сево ова ни се случува.

Борци сме, но не смееме да забораваме на крајот на денот дека сме и луѓе, кои треба да се среќни, да се исполнети, да уживаат, да најдат некоја леснотија во животот, некое опуштање“ – го заврши своето обраќање Ксенија на оваа тема.

Откако Ксенија прв пат на социјалните мрежи сподели дека се соочува со оваа борба, многу од нејзните следбенички постојано бараа поддршка, одговори на многу прашања поврзани за оваа тема директно до писателката и совети што беше и главната причина Николова да го сними ова видео.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот