ВИДЕО: Кој е надлежен, а кој одговорен за спасувањето на Златко Божиновски!?

Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Петчасовната спасувачка драма во кратовско Емирица заврши успешно, пациентот почина недела дена потоа во болница.

Пациентот Златко Божиновски го преживеа драматичното спасување кога медицинска екипа од итната помош од Кратово заедно со неговите роднини со импровизирани носила успеаа да го пренесат до нивното возило, па до болницата во Пробиштип. Почина седум дена подоцна во штипската болница од последиците на мозочно крварење здобиени покрај своето стадо.

Неговото спасување од тешко пристапното кратовско село Емирица, по неговата смрт отвори низа прашањаа за функционирањето на спасувачките служби кои иако се две со слична надлежност затаија во клучните часови кога можеби можеше да се спаси неговиот живот.

Регионалниот Центар за управување со кризи бил информиран за случајот, додека Дирекцијата за заштита и спасување не била повикана да делува. Во двете државни служби работат над 700 лица, а животот на Божиновски зависеше од шестмина кои пет часа на раце го носеа сточарот до цивилизацијата за да може да добие болничка нега.

Младиот лекар Павле Зафиров пет дена по случката ги прозва надлежните служби што нереагирале да им помогнат пациентот да го спуштат од планината за да добие соодветна медицинска помош.

В.д. директорот на ЦУК Стојанче Ангелов преку комисија го истражи целиот случај во својата институција и разоткри низа слабости на системот за спасување.

– Ние мораме да ги промениме промениме протоколите, за почетокот тоа е бројот 112, за да избегнеме дали треба да се врти во МВР, во АРМ или на друго место. Имате еден единствен број од каде операторите ќе бидат обучени да ја земат и проследат понатаму информацијата. Со овој тим кој го затекнав овде, со мали прераспоредувања на силите, верувам дека во следните месеци ќе направиме драстично подобрување на функционалноста и на самиот Центар и на целиот систем. Подолго време се зборува за реформи во системот и мислам дека со тимот што го затекнав мислам дека ќе бидеме доволно оперативни тие реформи да ги преточиме во дело за да не ни се случуваат вакви или полоши инциденти, рече Ангелов додавајќи дека речиси никој не го знае нивниот повикувачки број 195 ниту го врти во итни случаи за да може веднаш да реагираат како повикани.

Извештајот на Комисијата ги идентификуваше слабостите на ЦУК како што се мапите на работен процес кои за РЦУК за Кратово и за Куманово се постари и датираат од 2015 година, има пропусти во водењето дневник за самиот настан и евиденција на случените разговори, како и одредени технички недостатоци, пред се снимањето на разговорите, рече д-р Стевко Стефковски, раководител на оваа Комисија во ЦУК.

– Врз основа на овој извештај ќе формираме Дисциплинска комисија која точно ќе утврди одговорност. Направени се мали пропусти, но проблемот е мултиинституционален. Како што веќе знаете претходната недела упатив едно барање до Министерството за здравство кое треба да одговори дали и колку се почитувани медицинските протоколи, истото го побаравме од МВР бидејќи дежурниот полицаец можел да ја проследи информацијата нагоре, па неговите надредени да ја проследат до директорот на БЈБ кој има овластување да подигне хеликоптер но тој не знаел за овој настан. Истото го побаравме и од министерството за локална самоуправа кое треба да се произнесе дали и какви грешки направила локалната самоуправа. На крај одговорноста ќе ја утврди јавното обвинителство од каде е најавена истрага. Значи целиот овој настан ќе помине преку јавното обвинителство кое точно ќе утврди дали постои кривична одговорност кај некои од лицата чинители на целиот систем за управување со кризи, дециден е Ангелов.

Хеликоптерска поддршка воопшто не е побарана за ова спасување, нагласи тој но на младиот доктор му била понудена поинаква помош, а тој барал само теренско возило и тука настанала збрка и недоразбирање.

– Докторот зборува за џип, а ние цело време зборуваме за лада нива. Во Македонија за лада нива никој не вика џип. Настанати се ненамерни грешки кои го свртеа вниманието во сосема друга насока и докторот после извесно време кажал дека состојбата е под контрола и дека тргнуваат. Јас го разбирам, претпоставувам дека докторот бил револтиран и ја одбивал помошта на полицијата, знаете полицајците биле подготвени да му пратат луѓе да помогнат во транспортот. Истото било понудено од ЦУК, да бараат луѓе кои би помогнале, но бидејќи е многу емотивна целата оваа состојба, оставам емоциите да стивнат, очекувам одговор од три институции за да ја комплетираме сликата, рече Ангелов додавајќи дека очекува средба со докторот Зафиров за да ја слушне и неговата верзија за целиот настан.

– Откако ќе биде расчистен случајот можеби ќе предложиме одликување односно медал за докторот којшто направил се што е во негова моќ, но прво да видиме дали направил се и дали се почитувани протоколите, дециден е Ангелов.

Првиот човек на ЦУК кога ќе се расчисти целиот случај очекува и извинување од младиот доктор од итната помош зошто директно бев посочен како раководител на надлежна служба кој не реагирал.

– Во ниту еден момент ЦУК не се прогласил за ненадлежен. Се надевам дека докторот кога го пишувал текстот за настанот кој се случил во среда, а тој го објави во недела бил под емоции, па погрешил затоа што сведоци сме на разговорот и на луѓето кои зборуваат дека од страна на ЦУК се преземени низа дејствија, контактирани се безмалку сите субјекти на системот за управување со кризи, полиција, локална самоуправа, комунално претпријатие, шумско претпријатие. Ако луѓето се прогласиле за ненадлежни немало да преземат ништо од тоа. Се надевам дека докторот откако ќе увиди дека погрешил ќе има доблест да се извини, тоа е можеби тежок збор, но да каже дека погрешил, рече Ангелов револтиран што постот на докторот предизвика лавина реакции и кај претставниците на власта и кај обичните граѓани.

Центарот за управување со кризи под негово раководство ќе се обиде да ги надмине недостатоците кои постојат и секако да создаде ефикасен систем кој ќе одговара брзо и стручно при настанатите кризни ситуации.

– Процедурите ќе бидат корегирани, системот за 5-6 месеци ќе биде ставен во целосна функција. Оние кои што велат што дотогаш, дотогаш како и досега некои работи ќе ги менуваме во движење. Доколку некој може повеќе и подобро се надевам дека на огласот на Влада за директор на ЦУК ќе се пријави, владата нека го избере, нека дојде овде со волшебно стапче и нека ги реши проблемите. Јас можам толку со овој одличен, извонреден тим којшто има повеќе од 30 годишно искуство во областа на одбраната и цивилната заштита, дециден е Ангелов.

Останува на јавното обвинителство со истрага да ја утврди одговорноста за овој случај и надлежноста за пристапување кон спасување на тешко пристапен терен што не е ретка ситуација во државава кога се бара брза и навремена интервенција на соодветни тимови за да се спасат човечки животи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот