ВИДЕО | Кинески пилот изврши „агресивен маневар“ во близина на американски авион, тврдат САД
Кинески пилот на борбен авион извел „непотребно агресивен маневар“ во близина на американски авион за набљудување што оперирал над Јужното Кинеско Море минатата недела, тврдат од американската војска, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Инцидентот – за кој Пентагон вели дека е дел од моделот на однесување на Кина – се случува во време на веќе зголемени тензии меѓу Вашингтон и Пекинг околу прашања како Тајван и наводниот кинески шпионски балон што беше соборен откако ги помина САД претходно оваа година.
Кинескиот авион „летал директно пред носот на РЦ-135, принудувајќи го американскиот авион да лета низ неговите турбуленции“ во петокот, се вели во соопштението на Индо-пацифичката команда (ИндоПаКом).
„РЦ-135 вршеше безбедни и рутински операции над Јужното Кинеско Море во меѓународниот воздушен простор, во согласност со меѓународното право“, соопшти командата.
На декласифицираната видео снимка се гледа како борбен авион преминува пред американскиот авион, кој може да се види како се тресе од настанатите турбуленции.
Висок официјален претставник на американската одбрана рече дека имало „алармантно зголемување на бројот на ризични воздушни пресретнувања и конфронтации на морето“ од кинески авиони и бродови – акции што „имаат потенцијал да создадат небезбеден инцидент или погрешна пресметка“.
„Не веруваме дека тоа го прават пилоти кои работат независно“, рече официјалниот претставник. „Веруваме дека тоа е дел од поширока шема“.


