ВИДЕО | „Како ја убиваме реката“ – сите места до Скопје каде се загадува Вардар

Фото: ЦАЦ

Центарот за современи уметности (ЦАЦ) изработи кратко видео на кое се прикажани канализациите и отпадните води кои се влеваат во реката Вардар од нејзиниот извор во Вруток до излезот на Скопје.

Идејата е да се информираат граѓаните за, како што велат од ЦАЦ, „долгогодишното тивко уништување на најголемата река“ и да се обидат да ја подигнат свеста на надлежните, односно на Министерството за животна средина и општините за проблемот со загадувањето на Вардар но и на другите водотеци и езерски басени во Македонија.

„Не сакаме и не можеме да се помириме со фактот дека сите наши реки со проток поголем од 3 кубни метри во секунда се декларирани како загадени, значително или екстремно загадени како и со фактот дека нашите езера се борат за спас и преживување, а сето тоа се случува во период на глобално затоплување и претстоечки климатски промени. Со ова видео посветено на загадувањето на реката Вардар сакаме да потсетиме дека во ерата на глобалното затоплување кога водата станува еден од клучните стратешки и безбедносни ресурси на југот на Европа ние буквално го уништуваме најголемиот водотек во Македонија и ја правиме вардарската вода целосно неупотреблива бидејќи не прочистуваме ниту литро од отпадните води“, велат од ЦАЦ.

Со ова видео, од организацијата велат дека ги прашуваат градските власти на Гостивар, Тетово и Скопје како и министерството за животна средина до каде се пречистителните станици.

„Во наредниот период планирано е снимање на втор дел од видеото кој ќе ги опфати отпадните води од под Скопје до границата со Грција“, најавуваат од ЦАЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот