ВИДЕО | Интервју со Жарко Чулиќ: Црно-белата фотографија е поинтересна и поексплицитна

Жарко Чулиќ - фотограф / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Уметниците го гледаат светот со други очи. За еден уметник, експресијата е како храна. А, во светот на уметноста, фотографијата е своевиден медиум што се користи како визуелен, универзален јазик.

Во оваа епизода на „Слободно со Агнеса“ гостува Жарко Чулиќ, македонски фотограф кој веќе долго време професионално се занимава со фотографија.

Жарко Чулиќ – фотограф / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Жарко Чулиќ, роден во Скопје 1985 година, се запишал на Архитектонскиот факултет во Скопје и во 2004 година започнал да се интересира за фотографија, дизајн и за архитектура…

Во Скопје ја завршил првата школа за аналогна фотографија и историја на фотографија, а подоцна во 2012 заминал за Белград, каде што станал дел од школата за креативна фотографија.

Во меѓувреме, учествувал на повеќе групни изложби, работел на неколку проекти со познати уметници од Македонија и пошироко. Во последните години неговиот интерес за фотографија развил нов правец. Жарко се фокусирал на модната фотографија.

Покрај успехот во Македонија, во Белград изработил модни едиторијали со познати стилисти, дизајнери и модни куќи. Соработувал со модни магазини во Србија, а и пошироко. Последните 8 години е дел од тимот на познатиот македонски магазин „ПОРТРЕТ“, каде што работи како уредник на фотографија.

Фото: Жарко Чулиќ

Зборувајќи за своите почетоци, префрлувањето од архитектура на фотографија и како се развила страста кон фотографијата, Жарко вели:

„Отсекогаш, додека растев, додека бев во средно школо сакав да бидам архитект, да се занимавам со дизајн, со архитектура… И знаев многу рано дека ќе студирам архитектура. Меѓутоа, во првите години на студиите, додека бев прва, втора година, случајно дојдов до мојот прв фотоапарат, идиот. Тогаш излегоа тие мали дигитални апарати каде што јас се запознав со фотографијата, каде што првите години почнав да експериментирам. Апаратот секаде го носев со мене, на патувања, дома, на факултет итн. И сфатив дека е многу интересна алатка што ми овозможува да имам некој израз и да кажувам приказни. Сфатив дека сакам да продолжам да ја истражувам таа уметност.“

По четврта година факултет осознава дека сака посериозно да се занимава со фотографија, па бара начини како да се усоврши во таа насока, купувајќи професионален фотоапарат.

За него, архитектурата и фотографијата имаат слична поврзаност, бидејќи преку нив ги научил главните сегменти како боја, композиција, линија, кадар, кои се тесно поврзани со фотографијата.

Жарко Чулиќ – фотограф / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Жарко ја црпи инспирацијата од секојдневните моменти, но и од социјалните мрежи. Како насока ја одбрал модната фотографија, со која се занимава и ден-денес.

„Уште кога почнав да се занимавам професионално со фотографија, целата таа еуфорија започна со некои идеи, замисли за модна фотографија, која ми се виде најинтересна и најверојатно сè уште ми е најинтересна“, вели Жарко за „Слободно со Агнеса“.

Неговите едиторијали и фотографии се разликуваат од другите, вклучувајќи минималистички стил и архитектонска линија, која е заштитен знак во неговите фотографии. Сепак, неговите интереси стартувале со аналогна, црно-бела фотографија на филм.

„Црно-белата фотографија е мојата прва љубов. Јас и ден-денес на мобилниот знам многу често да фотографирам црно-бело. Сметам дека црно-белата фотографија, поради тоа што е поконтрастна, е повидлива, поинтересна и поексплицитна во однос на тоа што сака фотографот да прикаже“, вели Жарко Чулиќ.

Проследете го целото интервју со Жарко Чулиќ…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот