ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Сандра Лазареска и Мартина Маркоска, кошаркарки: Нееднаквоста во кошарката сѐ уште е сериозен проблем

Сандра Лазаревска и Мартина Маркоска/ Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Кошаркарките на ЖКК Бадел 1862, Сандра Лазареска и Мартина Маркоска во студиото на „Утрински печат“ раскажаа за предизвиците со кои се соочуваат кошаркарките во Македонија. Помалите плати, речиси непостоечкото медиумско внимание, стереотипите, како и ужасните услови кои постојат во македонската кошарка се едни од најголемите предизвици на овие млади кошаркарки.

Иако Првата македонска женска лига оваа година е неизвесна и во игра за титулата се неколку тимови, малку кој од медиумите, па и од јавноста обрнува внимание на ова.

„Генерално, сите клубови во Македонија сезонава се поизедначени, секој може да победи секого, сите екипи имаат квалитетни играчи, што значи дека е многу поинтересно за гледање“, вели младата Сандра Лазареска.

Кошарката сѐ уште е привлечна за младите девојчиња, но ретко која од нив одлучува целосно да се посвети на спортот. Нееднаквите услови за мажите и жените, како и балансот кој е потребен меѓу спортот и социјалниот живот се главните причини поради кои девојките се откажуваат од овој спорт, вели Мартина Маркоска.

Иако сѐ уште нема некој посериозен успех на репрезентативно ниво, кошаркарките се борат за поголемо внимание и вложување во овој спорт, бидејќи, како што велат Лазареска и Маркоска, во земјава има многу талентирани млади кошаркарки.

Нееднаквоста во кошарката се отсликува најдобро преку објавувањето на резултатите. Како што вели Лазаревска, тие чекаат да пројдат неколку дена за резултатите да бидат објавени на страната на Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ).

„На страната на КФСМ резултатите на мажите се објавуваат веднаш по натпреварите, а ние чекаме да помине викендот за да ги објават“ вели кошаркарката Лазареска.

Сериозен проблем е и пренесувањето на натпреварите. Ретко кој натпревар во женската конкуренција се пренесува на интернетот.

„Најчесто некои родители или пријатели кои се на натпреварот ги снимаат натпреварите со своите телефони или ако имаат камери. За разлика од машката лига, каде некои натпревари се пренесуваат и на МТВ, нашите мечеви не се пренесуваат ни на официјалната страна на КФСМ“ вели 18-годишната Маркоска.

Тие во иднина сакаат да продолжат со кошарката, иако знаат дека предизвиците се тешки, па продолжуваат да се борат за поголема застапеност во јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот