ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Момировски: Кирил Пејчиновиќ зборувал македонски јазик и не можел да се чуствува поинаку освен како Македонец

Кирил Пејчиновиќ не можел да се чувствува никако поинаку освен како Македонец, бидејќи тој тоа го докажува во своите дела, кадешто како основа на македонскиот идентитет го зема македонскиот јазик и го користи како појдовна подлога за прикажување на сите негови можности и способности на книжевен план – вели професорот Борис Момировски, долгогодишен книжевник и автор на делото „Огледало на Огледало“ во интервју за „Слободна ТВ“ една седмица по канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ во светец.

Проф. Борис Момировски, кој е родум од Лешок и е голем познавач на неговата историја, за што има објавено и повеќе книги, раскажува како поминал чинот на канонизација во Лешок и Тетово и што тоа значи за државата и МПЦ.

Проф. Борис П. Момировски и Александар Пејчиновски

– Сликата за промоцијата на Св. Кирил Пејчиновиќ во светец тешко може да се долови со зборови, бидејќи тоа беше импонзантен собир. Прво во Лешок во атарот на црквата Св. Атанасиј и во комплексот манастирски, каде што беа присутни голем број на владици, свештени лица и преставници од МПЦ. Тоа што се случуваше таму навистина беше настан кој ќе остави длабоки траги во историјата на нашиот народ. Со сигурност не можам да проценам колку луѓе присуствуваа на собирот и манифестацијата, но моја слободна проценка е дека имаше повеќе од 3.000 лица – вели проф. Момировски.

Пејчиновиќ е татко на современиот македонски јазик

Професорот Борис П. Момировски-Лешанин, кој објавува толкувања во кои ја нагласува историската важност на македонскиот просветител, народен творец и учител и возобновител на Лешочкиот манастир Пејчиновиќ тврди со сигурност дека тој е татко на современиот македонски јазик.

– Со сигурност можам да тврдам дека неговиот јазик е почеток на она што следува како современ македонски јазик. Токму за тоа имам напишано многу книги на оваа тема. Сега кога многу често ни е загрозен нашиот идентитет со оспорување на јазикот, Кирил Пејчиновиќ е човекот кој зборува токму за тој идентитет. Тој тоа го зборува во своите дела „Огледало“, „Утешение грешним„ и „Епитафот“ на надгробната плоча кои се напишани на македонски народен говор а стилот на јазикот е народен-тетовски. Токму преку овие пишани дела се согледува идентитетот на македонскиот народ каде овие говори и денес географски и припаѓаат на Македонија – оценува професорот Момировски.

Делата на игуменот Лешочки да се дигитализираат, така ќе се заштити јазикот и историјата

Александар Пејчиновски, потомок на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ\ ФОТО Слободен печат

Во исто време гостувајќи во студиото заедно со Проф. Момировски, Александар Пејчиновски кој е директен потомок на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, истакна дека за некој што целиот свој живот го посветил на македонскиот говор и јазик и пишаниот збор, државата треба повеќе да прави за зачувување на делата на игуменот Лешочки. Така според Пејчиновски со дигитализација на овие дела,  ќе се заштити историјата и ќе се одвратат сите атаци и присвојувања на Пејчиновиќ дека тој е Бугарин кои деновиве ги имаме во изобилие.

– Имајќи го во предвид фактот дека светот оди кон дигитализација, а делата на Пејчиновиќ засега се единствено достапни во пишана форма, мислам дека треба истите да бидат ставени и во дигитална форма и подоцна објавени на интернет. Тоа е така бидејќи тие истовремено ќе бидат лесно достапни за оние кои сакаат да дознаат повеќе за него, а во исто време тоа ќе ја приближи нашата култура и книжевност кон сите светски нации кои во моментов ќе пребаруваат на интернет и ќе сакаат да пронајдат нешто повеќе за нас – вели Пејчиновски.

Според него со дигитализацијта на пишаните дела на Пејчиновиќ ќе овозможи лесна достапност за светската јавност.

– Тргнувајќи од себе кога одите негде на патување во одредена држава или локација за да ја посетите, се вклучувате на интернет и не барате пишани дела. Туку, она што е објавено таму го земате здраво за готово. Иако во позадина некаде таму стои точноста на информациите во некои архиви и истата не е публикувана, јас како турист или студент од странство немам можност да дојдам до вистината за објавата на тие пишани форми. Таков е случајот на интернет и со Пејчиновиќ. Содржината за неговите дела се менува постојано и оттука се претпоставките дека некој тоа го чини намерно за терање на своја кампања и политика која е сосема спротивна на она што тој всушност бил – посочува Пејчиновски.

Коментирајќи го чинот за прогласување на Кирил Пејчиновиќ за свето лице, но и што тоа значи за Македонија и МПЦ, чукун чукун внукот Пејчиновски вели дека македонската црква нои  државата направила голема работа во вистински момент за народот, историјата и идентитетот.

Повеќе од разговорот погледнете во видеото во продолжение..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот