ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Крик за нормален живот на помалку среќните луѓе во Македонија

Возрасните луѓе со попреченост немаат премногу шанса за нормално функционирање во Македонија. Едно од ретките места каде тие би можеле да поминат неколку часа во денот и да бидат згрижени од стручни професионалци, но и од волентери, е центарот за окупациона терапија на ЦМА КРИК во Скопје.
– На мене ми е убаво во центарот, со сите се дружам и таму имаме секојдневни активности – вели Александар Василевски од Скопје, кој е корисник на бесплатните услуги на КРИК.
Со него во студиото на „Утрински печат“ беше и психологот Каја Милошевска, која смета дека институциите прават премалку за лицата со попреченост, особено за тие што се постари од 18 години.
– Окупациона терапија е терапија за сите возрасти. Се базира на три полиња, секојдневни активности кога ги обучуваме нашите корисници за лична хигиена, им даваме помош при учење и правилно користење на своето слободно време. Целиот тим на центарот и окупационите терапевти правиме посебен план за секој корисник посебно. Планираме како секој корисник да се развива во иднина, односно што сакаме да постигнеме, да подобриме и која е крајната цел на терапијата – вели Милошевска.
Центарот во кој се врши окупационата терапија е целосно зависен од донирани средства, а голема помош експертите и волонтерите на КРИК добиваат и од Општина Кисела Вода. Милошевска апелира до сите општини во Република Македонија да ја поддржат нивната работа и да отворат слични центри за грижа на лицата со попреченост.