ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Јовановски: Судиите имаат капацитет, но е потребна храброст од нивна страна за да се реформира правосудниот систем

Никола Јовановски - програмски менаџер во ЦПИА / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

При анализата за тоа каква е состојбата во која се наоѓа нашиот правосуден систем, кога би се користел медицинскиот речник може да биде во акутна, хронична или кома состојба. Во секоја од овие фази му е потребна медицинска помош и терапија во спротивно на ваквиот пациент не му цветаат рози кога е во прашање неговото здравје.

-За да дадеме точна дијагноза во која се наоѓа нашиот правосуден систем е потребно да бидат направено сите видови истражувања и анализи за да му помогне на судството прво да види во каква состојба е, а потоа од таа состојба, доколку се покаже дека не е добра да се најдат мерки да излезе од неа. Извештаите во последниот период укажуваат дека довербата во судството е многу ниска кај граѓаните. Многу е различна перцепцијата и оцените што се добиваат во истражувањата од судии за состојбата во судството, потоа од граѓани што многу ретко имале одреден предмет во судовите или од граѓани што немаат искуство со судовите. Целосно се различни оцените меѓу овие категории испитаници, односно една претстава се добива за состојбата во судството преку гледање телевизија, а друга различна од тие што го поминуваат работното време во судовите. Во овој период судството има најниско ниво на доверба, од една страна и ние како истражувачи и крајно објективни, сметаме дека треба да се слушне гласот на судиите и другите вработени и затоа ги прашуваме, од друга страна. Ова го изјави Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА во емисијата „Утрински печат“.

Истражувањата извршени од Центарот за правни истражувања и анализи укажуваат на сериозни пропусти во вршењето на работата во судовите и незадоволството и ниската оцена за довербата во судството како орган што дели правда е оправдано ниска и загрижувачка. Од последното истражување се поминати две години и покрај укажувањето дека е потребна сериозна реформа и тоа во јасно наведени области, според индиректни согледувања се добива впечаток дека состојбите се влошиле. ЦПИА смета дека е потребно трето истражување за да се види во која насока и со колакво отстапување се влошиле или подобриле во некои сектори состојбите во правосудниот систем.

-Вториот национален извештај за мерење на перформансите во судството е завршен во 2021 година претставува најголемо и најцелисходно истражување извршено во Северна Македонија, при што беа над 3000 испитаници учесници во него. Една од добрите страни во истражувањето беше таа што на него имаше забележана излезност поголема од 70% кај судиите, како и на другите професии упатени во работата на судството, како што се: адвокати, нотари, обвинители, извршители, правобранители и други. Сметам дека треба да биде направено и трето истражување и би сакале да ја добиеме поддршката од донаторите. Меѓутоа, резултатите од првото беа во голема мера слични со резултатите во второто и замислете да добиете резултати слични на претходните две или полоши. Ние правиме стратегии за реформи во судството и долг период само се реформираме, а не се развиваме. Судиите имаат капацитет да се справат со постојните проблеми во правосудниот систем, иако голем број е намален во споредба со претходниот период, сметам дека е потребна храброст, истакна Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА.

Ако нема желба да се формулира проблемот од судиите и да предложат мерки и рокови за нивно решавање, состојбата во судството може да биде оценете како лоша, односно непроменета и во евентуалниот трет извештај на ЦПИА.

-Мене ме плаши опасноста дека донаторите што не поддржуваа во изминатиот период ќе го загубат интересот да не поддржуваат во намерата да ги осознаеме и промениме состојбите во правосудството и едноставно не ги гледаат резултатите од досегашните анализи. Една од состојбите што може да биде оценета како позитивна е намалувањето на бројот на судиите и зголемувањето на предмети по единица судија. Врз основа на законот за работни односи , голем број судии заминаа во пензија, односно од 540 судии сега се активни 390 судии. Ние сметаме дека кога се судат голем број предмети по единица судија и се брза за да се задоволат роковите, квалитетот на работата опаѓа. Клучен фактор за да биде поквалитетна работата на вработените во судовите сметам дека е потребен интегритет. Можеби во развојот на кариерата, на пример кај судиите дошло до промена во интегритетот во споредба со периодот кога ја посетувал Академијата за судии и јавни обвинители и кога поминал на овој тест,- истакна програмскиот менаџер Јовановски.

Целото интервју со Никола Јовановски, програмски менаџер во ЦПИА, погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот