ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Џабир Мемеди Дерала: Шарената револуција е преседан во светски рамки

Џабир Дерала / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Што се однесува до анкетата на ИРИ, таа навистина не ме шокираше со ништо. Во тренд се анализите на анкетите секаде во светот, кои во последниве години бележат и многу сериозни критики. Пред сè, затоа што во неколку клучни моменти во светското политичко секојдневие покажаа еден неуспех да го отсликаат пулсот, да го прикажат вистинското расположение на јавноста. На пример, погрешно проценија за тоа еден или друг кандидат за претседател ќе ја освои власта во САД, сосема погрешно прогнозираа и во процесот поврзан со брегзитот во Велика Британија и низа други големи неуспеси доживуваат многу сериозни куќи што се занимаваат со истражувања на јавното мислење“, вели претседателот на Цивил, Џабир Мемеди Дерала.

„Повеќе или помалку, прашањата во анкетата на ИРИ се добро формулирани, добро поставени, верувам дека таа организација максимално професионално ја изработила анкетата, но да имаме предвид и уште нешто, анкетите се една работа, меѓутоа нивното толкување во јавноста е сосема друга работа, особено затоа што анкетите од алатка да го отсликаат расположението во јавноста, станаа пропагандна алатка. Станува збор за тоа дека секоја анкета може да се употреби на овој или на оној начин, а во зависност од тоа кој центар на моќта како ќе ја искористи и тоа е дополнителниот ризик со кој се соочуваат центрите за истражување на јавното мислење“.

Во интервјуто за Слободна ТВ, еден од најпродуктивните македонски новинари, уредник, поет, писател, невладин активист и борец за мир, еднаквост, соживот, човекови права, Џабир Дерала, зборува и за дводеценискиот од на престижната Цивил и Цивил медиа.

„Цивил медиа.мк е дел од медиумската платформа на невладината Цивил. Најпроминентен е Цивил медиа, тука практично има неколку други портали, располага со сет свои страници на македонски, на албански, на англиски јазик. Тие се обраќаат на различна публика што зборува на различни јазици. Тука е и сè повеќе читаниот портал Грин Цивил.мк, кој се занимава со „зелени“ прашања. Самата медиумска платформа Цивил не е комерцијална. Таа се обраќа до публиката и со намера да едуцира, да биде општествено одговорна и да претставува платформа за општествен и политички дијалог“.

Дерала зборува и за мотивот Цивил да ја отвори и портал страницата на украински јазик „Борбата на Украина“, за глобалните опасности и последици од руската инвазија врз Украина, опстојот на Иницијативата Отворен Балкан, како и за актуелната македонска состојба обременета со корупција, за новинарството, за македонските општествени и политички состојби, за песимизмот и оптимизмот. На прашањето дали ќе нè биде, вели дека ако не верува во тоа, не би бил овде. Во интервјуто за Слободна ТВ Џабир Мемеди Дерала зборува и за Шарената револуција,а по нешто и за себе, за своето новинарско, но и уметничко  творештво.

„Јас многу ги сакам револуциите. Ги сметам за интересен историски, цивилизациски, општествен и човечки феномен. Меѓутоа, секоја револуција носи и многу неправди и големи опасности да се претвори во тоа против што и се случила. Ако погледнеме низ светот, повеќето од нив стануваат спротивност од она против што се бореле. Што се однесува до новинарите, до новинарството воопшто, ние не сме огласна табла. Ние сме општествено одговорни, лица што треба да го искажат својот став и да го презентираат за да можат луѓето да се идентификуваат, да поддржат или да се спротивстават“.

Медиумите воопшто – вели Дерала – се под силен притисок. Западнати се во тешки проблеми. Не се работи само за финансиски, тие се евидентни, и затоа смета дека институциите и општествено одговорните компании треба што поскоро нешто да направат за да им помогнат на медиумите да го изградат својот професионален капацитет, но и својот  професионален интегритет.

Интегралното интервју со Џабир Мемеди Дерала:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот