Хасад Танер - специјалист ендокринолог / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Хасан Танер: Долго време ние лекарите лекувавме компликации од дебелината, наместо самата дебелина

Пациентите со покачена телесна тежина, ќе може со упат од „Мој термин“ да се лекуваат од дебелината во ГОБ „8 Септември“ каде се отвори првиот центар за менаџирање на обезноста во земјава. Тим од нутриционист, ендокринолог и психолог ќе им помагаат на пациентите да добијат соодветни совети и поддршка на патот на ослободување од вишокот килограми а со тоа и подобрување на севкупното здравје.

Доктор Хасан Танер, специјалист ендокринолог е еден од шестмината лекари што ќе се грижат за пациентите кои имаат вишок килограми. Тој во разговор за „Слободен печат“ тврди дека пациентите со обезност имаат потреба да бидат упатени во еден референтен центар каков што сега постои во „8 Септември“.

-Една од причините за дебелината е генетскиот фактор. Од 40 до 60 проценти од дебелите луѓе имаат фамилијарна предиспозиции за тоа. Едноставно програмирани се така, иако внимаваат на исхраната но не можат да бидат во референтните граници на телесната тежина. Има и надворешни фактори како исхрната, физичката активност и менталното здравје. Ако пациентот користи антидепресиви на пример, тоа влијае да има поголем апетит и раст на телесната тежина, вели доктор Танер.

Тој додава дека во поголемите светски студии уште се дебатира дали обезноста е причинител на депресијата или обратно.

-Честопати луѓето се стигматизирани поради обезноста, од семејството, околината и лекарите. Лекарската фела уште не ја прифаќа обезноста како болест. Пациентите се изолирани поради стигматизацијата и затоа одбиваат да примаат препораки за терапија и се плашат да дојдат на лекар. Долго време ние лекарите лекувавме компликации од дебелината, наместо самата дебелина, додава доктор Танер.

Критериумите за тоа кој пациент ќе ги исполнува условите да биде третиран во Центарот за менаџирање на телесната тежина се неговиот индекс на телесна маса, како и обемот на струкот.

-Од први април ќе бидат достапни термините преку матичен лекар така што пациентите ќе може да добијат упат и да дојдат во Центарот за обезност во нашата болница. Ќе имаме психолог за тие пациенти кои сметаме дека имаат потреба. Така е секаде во светот. Пациентот мора прво да даде дозвола, да прифати третман. Имаме тим од шест ендокринолози, психолог и нутриционист. На пациентите ќе им се одреди дневната динамика, како да живеат како да се хранат, ќе добијат совети за исхраната и пресметки за јаглехидрати. После таа едукација ќе им оставиме меѓу 3 и 6 месеци да видиме реагираат со оваа промена на живеењето. Ако успеат да симнат 5 процент иод телесната тежина само со препораките и промената на живеењето, тогаш има успех. Но ако нема можност, тогаш ќе се оди на фармаколошка терапија, посочува докторот.

Целиот разговор со д-р Хасан Танер погледнете го во видеото:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот