ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Ангеловски: Владата ги слуша нашите барања, но недостига вистинска реакција од нејзина страна

Трајан Ангеловски - претседател на ССК / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Сојуз на стопански комори на Македонија е институција која ги застапува интересите на малите стопански субјекти што се обединети во комората. Развојот на малите и средни претпријатија и на претприемништвото доби своја афирмација во македонското стопанство не само како средство за негување и унапредување на претприемнички дух, туку и за поттикнување на свеста во насока на конзистентната потреба од промени и реформи на економската сцена, како еден од главните приоритети на ССК. Истовремено фирми што имаат стручен и технички капацитет може да учествуваат како подизведувачи во градба на инфраструктурни проекти.

-Претпоставувам дека одреден број компании може да учествуваат во реализацијата на проектот каде што главен изведувач се фирмите „Бехтел и Енка“. Според мене учеството на домашните компании што се предвидени во овој проект во висина од 51% е стандардна процедура. Вообичаено е во светот владите да стават вакви услови на користење на домашните суровини и капацитети. Во јавноста се говори дека договорот е јавен, односно таен, но морам да укажам дека нема искуство со вакви договори, а такво искуство нема ни државата. Нашата определба како приватен капитал се темели врз максимална транспарентност (отвореност) и коректен со исклучување на непожелни варијатнти. Остануваме на нашиот став и секогаш ќе инсистираме за постојат тендерски правила. Зошто за изградбата на коридорот 8 и 10 е решено да биде една компанија, реално нам како Комора не ни е јасно. Меѓутоа ние секогаш и сите наши заложби како Комора се да биде колку што е можно да имаме отворен пазрен пристап и секогаш да има тендер со повеќе понуди. Ако го направиме процесот на овој начин нема да доаѓаме во ситуација да дискутираме дали цената е реална, потоа ниска или висока или таква треба да биде и сл. Со три понуди на масата јасен ќе биде крајот на дискусијата. Ова го изјави Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори (ССК) во разговорот за Утрински печат на Слободна ТВ.

ССК може да реагира во ситуација кога се подготвуваат условите за реализација на одреден проект. Процедурата на избор на изведувачот за изградбата на коридорите 8 и 10 е завршена и нема голем простор да се интервенира во него според политиката и принципите за кои се залага ССК. Ние преферираме да се оди на тендерски модел со повеќе понуди со цел да се избегнат вакви ситуации и се создава долга и неисцрпна дискусија, вели Ангеловски.

Тој се осврна и на владината политика за замрзнување на цените на основните продукти, на која остро реагираа производителите.

-Мислам дека нашата реакција во овој момент е исклучена, бидејќи тоа прашање сега многу повеќе е политичко, а многу малку е економско. Според мене власта и опозицијата имаат уште многу други пораки да си пренесуваат. Владата даде субвенција на цената за електричната енергија само за прехранбената индустрија со цел да влијае на зголемувањето на инфлацијата. Владата се плашеше од остро зголемување на цените и од реакцијата на јавноста. Во декември 2022 година, кога беа дадени субвенциите, цената на електричната енергија беше околу 300 евра и компаниите тогаш добија околу 80 евра што реално е многу поволно. Добро беше за стопанството од прехранбената индустрија тие 80 евра да беа обезбедени порано, на пример во летото, кога цената на електричната енергија се движеше од 500 до 800 евра. Сега тоа е завршена работа. Во однос на енергетската криза можеше да се најдат подобри решенија, повеќе ангажирање од сите субјекти и државните институции да бидат повеќе флексибилни за одредени наши идеи и предлози, како што се за енергетска ефикасност, за обновливи извори на енергија, за поедноставни процедури и сл. Владата ги слуша нашите барања, но недостига вистинска реакција од нејзина страна. Различни идеи и ставови секогаш постојат и ќе постојат во иднина меѓу Владата и стопанствениците, но комуникацијата треба да биде отворена и редовна за да се бараат решенија, истакна претседателот на ССК Ангеловски.

Во пазарно стопанство цените може да се формираат на пазарот преку понуда и побарувачка, а не со одлука на политички орган и сл. Политиката на замрзнување на цените која ја спроведе Владата требаше да го намали ударот врз одредени категории од населението, а на оваа политика спротивно реагираа приватниот сектор.

-Замрзнувањето на цените како политика денес е во спротивност со сите економски теории и политики. Македонија од 1991 година се определи за развој на ваков систем во кој не може да има место за политика на замрзнување на цени, односно држава со слободна пазарна економија во која цената се формира врз основа на понуда и побарувачка. Ако Владата оцени дека има нереални цени и услови на одредени делови од пазарот треба да ги реформира тие делови. Ние од почетокот на руско – украинската војна, укажавме дека не треба да се оди со замрзнување на цени, туку со замрзнување на маржи и одредени институции не вршеа контрола на пазарот, а тоа беше нивна задача. Цените што беа од пред неколку години сметам дека нема да се вратат, иако инфлацијата во споредба со тој период е висока. Сметам дека политиката на замрзнување на цените како епизода заврши и во наредниот период не очекувам да се применуваат такви мерки, истакна Трајан Ангеловски, претседател на ССК.

Целото интервју со Трајан Ангеловски, претседател на ССК погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот