ВИДЕО | Хитот на Тоше Проески -„Соба за тага“ крие морничава вистина: Стиховите се напишани од затвореник кој го убил љубовникот на својата сопруга

14 години од смртта на Тоше Проески/ фото: Архива на Слободен печат

Македонскиот „славеј“, трагично загинатиот пејач Тоше Проески, секогаш ќе остане запаметен и како извонреден пејач, и како голем хуманитарец и човек со големо срце и душа.

Поради сите негови квалитети, речиси и да не постои личност што не го сакала, не само во Македонија, туку и на целиот Балкан, а многу од неговите песни и ден-денес се слушаат и нѐ потсетуваат на непрежалениот пејач со вонсериски талент.

Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година во Хрватска, на автопатот Загреб-Липовац. Тој имаше само 26 години.

Еден од неговите најголеми хитови секако беше песната „Соба за тага“, а малкумина знаат дека зад овој текст се крие една тажна приказна.

Имено, стиховите на овој хит наводно ги напишал еден човек во затвор кој издржувал казна заради убиство на љубовникот на неговата сопруга, а овие стихови тој ѝ ги посветил нејзе.

Текстот стигнал до менаџерот на Тоше, кој му предложил на пејачот да ја сними таа песна, а останатото е историја.

Како што објавија медиумите, авторот на овие стихови наводно не сакал никакви пари за песната, туку само сакал посвета на оригиналниот албум, што и ја добил.

Денес се навршуваат 14 години откако македонскиот пејач Тоше Проески загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка. Балканскиот Елвис Присли, како што го нарекоа BBC News, нѐ напушти на 26-годишна возраст, оставајќи неизбришлива трага како човек.

Непрежалениот пејач со ангелски глас и голем хуманитарец сè уште живее преку неговите песни и добрите дела што ни ги остави да не ги заборавиме и да продолжиме да го следиме неговиот пример на добрина и несебичност.

Видео на денот