ВИДЕО | Генерал Хаџи Јанев: Воената помош на Украина не ја менува сликата на фронтот, војната ќе трае

Универзитетскиот професор, генерал Методи Хаџи Јанев во гостувањето во студиото на „Слободен печат“ вели дека набавката на новите борбени оклопни возила 6 ЈЛТВ од американско потекло за потребите на македонската армија е добар чекор и се вклопува во целата визија и идеја за колективниот систем на безбедност и колективното практицирање на одбраната.

– Овие возила беа повеќе од неопходни за вооружените сили но и за целиот одбранбен систем, бидејќи во подолг период изминативе години такви набавки не беа направени, а со ова се направи сериозен отскок врз основата на градење на капацитетот и мобилноста на обранбениот систем. Што тоа значи за нас во пракса, ова значи дека возилата треба да служат за одредена доктрина која треба таа да го поддржи тој капацитет што силите треба да го испорачаат. Со ваквите возила не купуваме артикл од продавница, туку купуваме цел пакет, односно сет на работи кои ќе не следуваат, а кои што некој пат и не се директно видливи. Тоа е на пример влијанието и партнерството со земјата од каде што се купени – вели Хаџи Јанев.

На прашањето зошто во овој момент земјава ги набавува овие скапи софистицирани воени оклопни возила за македонската армија во услови на економска и енергетска криза, генералот додава дека така бидејќи овој проект е направен пред моменталната криза, кој пак исто така е планиран и пред самите наши пристапни преговори со НАТО Алијансата.

– Не се согласувам со фактот дека во услови на ваква криза дека треба да се штеди. Тоа е така бидејќи самата ескалација во Украина покажа дека градењето на одбранбените капацитети не можат да се направат преку ноќ. Тоа денеска Украинците може најдобро можат да ни го кажат – посочува генералот Хаџи Јанев.

Генерал Методи Хаџи Јанев, гостин во студиото на Слободен печат

Проф. Хаџи Јанев коментирајќи ги последните случувања на боиштата во Украина вели дека озборувањата дека руската армија е уморна и потрошена по неколку месеци војна не се точни. Тој во исто време вели дека жилавоста на украинската армија која се докажа во повеќе наврати говори дека војната ќе трае.

– Дали можат Русите да ја завземат Одеса и другите клучни градови за нив не можеме да процениме сега. И едните и другите извршија адаптација на доктрините што покажуваат дека двете страни  имаат флексибилност што е исклучително тешко за една армија во време на војна – посочува генералот.

Професорот Хаџи Јанев проценува дека војната во Украина ќе продолжи и покрај сите претпоставки дека дејствијата таму можат наскоро да завршат и да се дојде до некаков договор меѓу двете страни.

– Јас мислам дека со овој интензитет можеби нема да траат војните операции, односно инвазијата на Украина од страна на Русија. Повеќе од јасно е дека ќе има намалување на борбениот ритам и темпото. Тоа ќе зависи од логистиката и временските услови но операциите околу источна Украина со сигурност ќе траат. Тоа е така бидејќи Киев во овој момент не е спремен да даде отстапки од својата територија – вели Хаџи Јанев.

Генералот Хаџи Јанев анализира дека западната помош во оружје на Украина нема капацитет да ја смени сликата на терен.

– Тенковите кои им ги дадоа Шпанците на Украинците пред извесен период се застарени. Друга интересна работа е што украинската армија треба да изгради и капацитети за ракување со истото оружје. Народски кажано треба да се обучат Украинците за употреба на оружјето кое им се донира за да се дојде до тој посакуван ефект на терен. За тоа потребно е време и сериозно градење на воените капацитети. Луѓе обучени за користење и сервисирање на истите оружја што во овој момент работите на терен не го говорат тоа дека се случува – заклучува Хаџи Јанев.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот