ВИДЕО/ФОТО: Се појавија невидени снимки од вилата и островот на Епстин
Демократите од Одборот за надзор на американскиот Претставнички дом објавија „никогаш претходно видени“ фотографии и снимки од приватниот карипски остров на починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, јавија американските медиуми.
Препорачано
За објавените материјали се наведува дека тие претставуваат „морничав поглед зад затворени врати“ на имотот на Епстин, со кого се поврзуваат стотици познати личности од САД, меѓу кои и претседателот Доналд Трамп.

„Ги објавуваме за да обезбедиме транспарентност и да помогнеме во составување целосна слика за неговите ужасни злосторства“, изјави демократот Роберт Гарсија, додавајќи дека „борбата за правда за преживеаните продолжува“.
Фотографиите и видеата покажуваат празни дворишта, спални соби и други простории од вилата, меѓу кои и бања со наредени перници. Во една од собите, има стоматолошки стол и маски од мажи по ѕидовите.

— Oversight Dems (@OversightDems) December 3, 2025
— Oversight Dems (@OversightDems) December 3, 2025

Корисници на „Икс“ реагираа на фотографијата на која е прикажан фиксниот телефон на Епстин во вилата, каде дел од запишаните имиња се редактирани. Во коментарите се критикуваат демократите дека во исто време тврдат оти сакаат да се дознае целата вистина за аферата и влечат потези кои водат кон спротивното.

Министерството за правда на САД има рок до средината на декември да ги објави сите документи што ги поседува за Епстин. Гарсија порача дека „време е претседателот Трамп веднаш да ги објави сите документи“.
По апсeњето на Епстин во 2019 година и неговата смрт во притвор, јавноста со години бара целосна објава на документацијата — листи, комуникации, искази и други материјали. Притисокот расте и од демократите и од републиканците во Конгресот, со тврдења дека документите може да откријат нови детали за мрежата и можни вмешани луѓе.
Епстин призна дека посредувал во проституција со малолетни девојчиња, од кои дел имале само 14 години. За поголемиот дел од неговите злосторства тој воопшто не беше суден, откако постигна контроверзен договор со американските обвинители. Тој почина во ќелија во притвор во летото 2019 година, пред да може да одговара за десетици други обвиненија, меѓу кои и силувања, киднапирања и уцени.


