ВИДЕО+ФОТО: Малата хидроцентрала предизвика еколошка катастрофа во кичевска Белица, реагираат жителите

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Опустошено речно корито без живот, исечена и уништена столетна шума, пробиени патишта низ планината, крш и градежен шут насекаде, ова е вообичаената слика на локациите каде се градат или се изградени мали хидроцентрали.

Деновиве на социјалните мрежи се споделуваат повеќе фотографии и видеа од уништени корита на мали планински рекички кои претходно вриеле од живот и уништена околина каде тие објекти се градат.

Жителите на селото Белица во близина на Кичево, револтирани од уништувањето на прородата и на живиот свет во околината на нивното планинско село одлучија со видео снимка да и се обратат на јавноста и да побараат помош од медиумите за нивниот апел за помош да стигне до надлежните за уништувањето на нивната река од мала хидроцентрала.

„Погледнете го пустошот што оваа мала хидроцентрала го има направено на нашата река. Нема вода, нема риби, нема живот ниту за животните ниту за луѓето. Некогаш тука имаше рибари бидејќи ова е притока на Треска и беше познато природно мрестилиште на пастрмка. Денес гледате тука празно корито“, велат во своето обраќање до јавноста претставниците на месната заедница на Белица. На видеото може да се забележи затворениот бетонски канал кој треба да претставува рибна патека, нешто што според стандардите треба да го има секоја мала хидроцентрала за да може да се одржи живиот свет во реката.

Кога се најави изградбата на малата хидроцентрала во Белица, најпрвин мислевме дека е тоа добро за нашето село бидејќи газдите ветија дека ќе работат според сите прописи и дека ќе ги запазуваат еколошките стандарди, односно дека нема да ни се уништи  реката, вели Раде Момироски. Меѓутоа, откако нивните градежни машини ни го уништија селскиот пат кој самите со самопридонес го изградивме, откако ни го уништија селскиот водовод, нашите бавчи останаа ненавадени поради сопирањето на водата, а реката остана без живот, видовме дека малите хидроцентрали само уништуваат и дека за ништо позитивно не придонесуваат, додава тој.

Нема вода, нема риби, нема живот ниту за животните ниту за луѓето, велат во своето обраќање до јавноста претставниците на месната заедница на Белица

Момироски вели дека селаните се чувствуваат немоќни да се изборат за спас на своето село и на својата река бидејќи сопствениците на малата хидроцентрала се однесувале арогантно и насилнички и им се заканувале.„Со години работиме да го обновиме селото, тие дојдоа и се уништија! Два километра од коритото на оваа рекичка се комплетно суви, без капка вода!“, се вели во видео-апелот на Беличани.

Раде Момироски и жителите на Белица алармираат за еко катастрофата во ова село / Фото: Слободен печат

Сопственик на малата хидроцентрала во ова кичевско село е охридската фирма „ВодаВат“, но од таму тврдат дека ги запазиле сите еколошки услови и ги добиле сите потребни дозволи од надлежните институции. Хидроцентралата на Беличка река е изградена во 2016 година, а концесијата е добиена во 2014. Се работи за мала хидроцентрала со капацитет на производство од 740 КВЧ. „Пред една недела имавме инспекциски надзор од водостопански инспектор и имаме записник дека се е во ред“, вели Спасе Спасовски, сопственик на хидроцентралата во Белица.

„Ние работиме како што треба, имаме водостопанска дозвола дека сме обезбедиле соодветна рибна патека и биолошки минимум во реката“. Сепак Спасовски признава дека во лето и во сушните периоди биолошкиот минимум многу тешко се обезбедува.

Според него за уништувањето на природата најмногу придонесле дрвокрадците кои ги користат патиштата кои тие ги имаат пробиено низ шумата за потребите од изградбата на малата ХЕЦ и сега непречено ја раскрчмуваат густата букова шума, а не нивната хидроцентрала. „Не можеме ние да ги контролираме дрвокрадците, се знае чија надлежност е тоа“, вели Спасовски. Што се однесува, пак, до рибната патека, тој тврди дека тој канал некој намерно го затвора за да се заезери дел од коритото и за да можат во плиткото да ја испофаќаат преостанатата риба.

-Се чувствувам виновник што овие штетни проекти воопшто најдоа плодна почва во Македонија бидејќи и самиот како повратник од Франција се обидов да ја промовирам идејата дека малите хидроцентрали значат производство на еколошки чиста енергија. Не знаев дека тие се зло, вели разочарано Раде Момироски.

Во Македонија, според стратешките документи на државава е планирана изградба на 400 мали хидроцентрали на планински реки. Досега се изградени или се во фаза на изградба околу стотина. На територијата на Балканот, од Словенија до Турција, според податоците на меѓународните организации за заштита на природата Еуронатур и Бенквоч се планирани или веќе изградени над 3000 мали хидроцентрали на она што тие го нарекуваат „последните чисти европски реки“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот