ВИДЕО | „Фаќањето на крстот не носи ни здравје ни среќа“ – поделени реакции за изјавата на директорката на Комисијата за односи со верските заедници
„Фрлањето на крстот за Водици ми нема никаква поврзаност со настанот. А фаќањето на крстот нема да донесе ниту здравје, ниту среќа. Фрлањето на крстот само по себе нема некоја симболика со Богојавление“ – овие ставови ги искажа директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Оливера Трајковска, во гостување на утринската програма на „Канал 5“, пишува „Религија.мк“.
Препорачано
Нејзината поента беше дека само по себе, фаќањето на крстот не може некому да донесе благодет, доколку тој не е вистински верник.
„Мене ми нема никаква поврзаност фрлањето на крстот за Водици, со празникот. Затоа што Богојавление го симболизира покрстувањето, односно крштението на Господ Исус Христос. И пројавувањето на Бога, на Светиот дух. Значи на трите лица на Светото тројство. А фрлањето на крстот, само по себе, не носи некоја симболика на вчерашниот празник. Самиот чин на фрлање на светиот крст, за којшто зборуваше и многупочитуваниот професор на Богословскиот факултет, Јован Таковски, дека не е соодветно фрлањетона крстот во водите, а уште понесоодветен ми е мене моментот, ќе ви кажам искрено, на сè она што се случува околу фрлањето на крстот, бидејќи фаќањето на крстот само по себе не носи ништо. Доколку вие не сте вистински верник, доколку не ја практицирате верата на вистинскиот начин. Затоа што крстот е симбол на распетието Христово. Така да, фаќањето на крстот нема да ви донесе вам ниту здравје, ниту среќа, ниту не знам какви суеверија коишто кружат околу тоа, рече Трајковска.
Изјавата на Трајковска предизвика бурни, но и остро спротивставени реакции на социјалните мрежи – дел од граѓаните се налутија и ја напаѓаат директорката, а дел велат дека ја кажала вистината која е непријатна за многумина.
Директорката на државната Комисија за односи со верските заедници дипломирала на Богословскиот факултет во Скопје.


