ВИДЕО | Дритон Вејсели: Талат не е моето алтер его, тој е производ на моите опсервации

Дритон Вејсели - актер / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Верувам дека веќе сите го знаете Дритон Вејсели. Но, тој е повеќе од еден лик… тој е млад македонски актер од Скопје, кој до своите триесетти години изгради богата актерска кариера на театарската сцена, но и на телевизискиот екран. Тој е препознатлив по неговата улога во комичната серија „Преспав“, каде го толкува популарниот лик на Талат.

Дритон Вејсели, актер / Фото: ,,Слободен печат“/Драган Митрески

Вејсели е познат по својата способност да игра различни ликови – од драматични до комични улоги. Тој е многу популарен кај публиката поради својата харизматична личност и убедливата актерска игра.

Уште од најрана возраст, Вејсели покажал интерес за сликањето, цртањето и глумата. Ова се трите неизбежни таленти, кои подоцна му ја формираат кариерата.

Неговата пасија за актерска игра започнала уште од детските денови, кога Вејсели почнал да учествува во различни драмски кружоци. По завршувањето на Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, тој ги заврши и студиите по актерска игра на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, по што остави свој печат на различни сцени како театарски актер.

„За мене глумата претставува некаква трансформација која не е само од уметнички аспект, туку подразбира и духовна промена. Затоа што секоја нова улога бара нов ‘мајндсет’ за да живее тој лик. За мене тоа претставува креирање, креација, инспирација. Нов почеток, многу работи…“, вели Дритон за „Слободен печат“.

Како што спомнав погоре, тој е познат по неговиот комичен лик Талат во серијата „Преспав“. Тој е смешен и палав лик, кој Дритон го глуми совршено. Дритон не е класичен комичар, но засега глуми комедија. Замислете колку чудно би било да го видиме Дритон да глуми трагична сцена во некоја драма?

Ништо чудно, а и тоа го може…

Дритон Вејсели, актер / Фото: ,,Слободен печат“/Драган Митрески

Зборејќи за овие карактеристики во глумата, тој вели:

„Ако гледаме од гледна точка на комичар, се може да биде смешно. Дури и трагедијата. За да постои комедијата, мора да постои и трагедијата. Јинг-јанг, црно и бело“.

Секако, Дритон би сакал да проба да глуми и во поинакви жанрови, а и да има и посериозни улоги. Но, тој вели дека засега му е попријатно да глуми во комедии.

За неговото искуство на телевизискиот екран, тој вели дека му е чудно да се гледа себеси на телевизија, бидејќи се чувствува како друг човек. Вели дека за време на снимањето, тој има способност да „заспие“ т.е. да навлезе длабоко во ликот кој го глуми. Но, кога ќе се види себеси на телевизија, има чувство дека се „буди од тој сон“.

Дритон Вејсели, актер / Фото: ,,Слободен печат“/Драган Митрески

Интересен факт за Дритон, кој, можеби, малкумина го знаат, е дека тој и неговото семејство се сопственици на култната скопска слаткарница „Малага“. 

„Талат не е моето алтер его, тој е производ на моите опсервации“, вели Дритон за „Слободен печат“.

Секако, тој е повеќе од еден лик, имајќи ги предвид сите негови таленти. Неговите главни интереси се филмот, музиката, а особено сликарството. 

„Пред да одлучам да се занимавам со глума, јас учев во Средното уметничко училиште и сакав да бидам сликар. Но, сфатив дека, всушност, тоа е истиот принцип на создавање. Цртањето на бело платно е исто со создавањето ново сценарио“, вели тој.

Во продолжение, погледнете дел од неговите дела.

Дритон Вејсели цртежи

Моментално, тој е целосно посветен на својата актерска кариера.

„Јас ја сфаќам мојата професија како детска игра. Всушност, тоа е нејзината основа. Сржта на глумата е дека треба да си играме“, објасни актерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот