ВИДЕО | Десетдневните насилни протести на пробританските лојалисти во Белфаст го прекинаа 23-годишниот мир во Северна Ирска

Фото: EPA-EFE/Mark Marlow

Повеќе од 50 припадници на полицијата се повредени, а 10 лица се лишени во слобода во десетдневните насилни демонстрации во повеќе градови во Северна Ирска. Насилството почна на 29 март во Лондондери, во областа населена со пробританско население, чии унионистички ставови меѓу другото предвидуваат неповредливост на територијалниот интегритет на Обединетото Кралство и унијата на Велика Британија и Северна Ирска.

Демонстрантите од многубројните лојалистички организации во Северна Ирска на почетокот од протестите ја напаѓаа полицијата, но во средата се случи посериозен инцидент, кога унионистите успеаја да урнат оградата во западен Белфаст, која е дел од „ѕидот на мирот“, со кој се одделени деловите на градот во кој од едната страна живеат пробританските протестанти, а од другата католиците, кои традиционално го поддржуваат обединувањето со Република Ирска. Пробивајќи го одбранбениот кордон, лојалистите со „молотови коктели“ запалија автобус, при што го повредија возачот, а потоа нападнаа и еден новинар на весникот „Белфаст телеграф“.

Британскиот премиер Борис Џонсон изрази длабока загриженост по сцените на насилство во Северна Ирска. Џонсон на Твитер напиша дека е особено загрижен за нападот врз полициската служба во Северна Ирска, возачот на автобусот и нападнатиот новинар од „Белфаст телеграф“.

– Начинот на кој можат да се надминат разликите е дијалогот, а не насилство или криминалот – оцени Џонсон.

Британскиот премиер телефонски разговарал со ирскиот колега Мајкл Мартин, од кого добил поддршка за мирно решавање на кризата низ дијалог и почитување на институциите.

Претставникот на полицијата од Северна Ирска, Џонатан Робертс, посочи дека безбедносните сили немале поголем предизвик во земјата уште од потпишувањето на мировниот договор пред 23 години.

– Со години не сме имале толку големо насилство на нашите улици и можеме да бидеме среќни што нема жртви и потешко повредени – изјави Робертс.

Фото: EPA-EFE/Mark Marlow

Секретарот за Северна Ирска во британската влада, Брендон Луис, одржа средби со политичките лидери на сите поголеми партии, испраќајќи порака за намалување на тензиите. Тој најнапред мораше да ги намали тензиите помеѓу политичките претставници од двете страни.

Пробританската Демократска унионистичка партија (ДУП) укажа на минатогодишната полициска одлука да не ги гони ирските националисти од Шин Фејн за присуството на погреб, со што ги прекршија антипандемиските мерки.

Шин Фејн, за возврат, го обвини ДУП за поттикнување на тензиите со своето решително противење за новите трговски аранжмани и со повикот за оставка на шефот на полицијата. По состанокот со Луис и двете партии ги осудија насилствата.

Лојалистите се противат на брегзит

Насилството доаѓа во време на зголемена загриженост кај многумина во пробританската унионистичка заедница во врска со новите трговски бариери помеѓу Северна Ирска и остатокот од Велика Британија како резултат на британското излегување од Европската Унија.

Според трговскиот протокол што Велика Британија го договори по референдумот за брегзит, Северна Ирска, со цел да се избегне „тврда“ граница со Република Ирска, останува како дел од царинската унија на ЕУ, додека трговијата со остатокот од Обединетото Кралство подлежи на царинска политика. Од царинската унија со ЕУ е изземен увозот преку пристаништата во Северна Ирска. Унионистите протестираа против трговскиот договор кој владата во Лондон го постигна со претставниците од Брисел, тврдејќи дека на тој начин се доведува во опасност положбата на Северна Ирска во Обединетото Кралство и врските со Англија, Шкотска и Велс.

На почетокот од годината во протестантските заедници ширум Северна Ирска почнаа секојдневно да се испишуваат графити по јавните објекти, со кои се изразуваше незадоволството на лојалистите од договорот со ЕУ со кој освен политички импликации се јавуваат и трговски бариери во тргувањето со остатокот од земјата.

Минатиот месец претставниците на неколку паравоени организации од редовите на лојалистите му испратија писмо на Борис Џонсон повикувајќи го да се повлече од договорот постигнат на Велипеток во 1998 година, со што беше ставен крај на децениските немири во Северна Ирска, во кои животот го загубија повеќе од 3.500 луѓе.

Фото: EPA-EFE/Mark Marlow

Паравоените организации стојат зад протестите?

Токму претставниците на организациите што му пишуваа на британскиот премиер се осомничени како организатори на актуелните протести, иако полицијата сѐ уште не објави конкретни докази.

Една од индикациите што оди во прилог на тезата е дека протестите се концентрирани во областите каде што криминалните групи се тесно поврзани со лојалистичките паравоени групации. Се претпоставува дека водачите на организациите Одбранбената асоцијација на Алстер и Доброволните сили на Алстер го подгреваат незадоволството на лојалистите, а со тоа ги пролонгираат насилните демонстрации. Според одредени анализи, се смета дека насилните протести избиле како освета за неодамнешната антикриминална акција на полицијата во Карикфергус, во областа контролирана од трета паравоена организација, позната под името Југоисточен Антрим (УДА).

Полицијата извести дека паравоените организации од Северна Ирска се вклучени во многу форми на организиран криминал, правејќи огромна економска штета на заедниците и креирајќи атмосфера на страв во голем број соседства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот