ВИДЕО | Деков издаде монографија за конопот во Македонија: Треба да го дестигматизираме канабисот

Влатко Деков, автор на книгата „Конопот во Македонија“/Фото: Слободен печат

Влатко Деков, авторот на монографијата „Конопот во Македонија“ вчера, на Светски ден на канабисот го промовираше своето дело кое е прво од ваков вид на овие простори. Тој зборуваше за тоа како дошол до оваа идеја и пред се обемно истражување.

-Во 2013 или 1014 година зборуваваме да се истражи одгледувањето на конопот во Макеоднија. Идејата беше да видиме колку нашиот народ е запознаен со конопот, зошто зборуваме дека конопот е древно растение во Македонија. Посетивме голем број граѓани, библиотеки и анкетиравме над 90 жители во места каде се одгледувал конопот. Книгата го опфаќа периодот на појавувањето на конопот во Македонија до денешните обиде за декриминализација и законските пречки за тоа, вели Деков.

Иако селото Стојаково важи за главен дел од таа сцена, но најголем дел од соговорниците дека клучните луѓе за пушењето на конопот ги именуваа жителите во струмичкото село Добрејци, вели Деков.

-Секако најзначајна личност бил Ристо Божинов од Добрејци кој бил многу харизматичен човек со шамански карактеристики во смисла дека луѓето верувале во него и во неговата магична моќ. Во Непал се среќава со еден од учениците на Дон Хуан и на Карлос Кастанеда. Тој му го предава на Ристо неговото знаење за пејотл, татулата и го запознава со шаманската култура. Кај него доаѓале уметници, политичари. Но Ристо почина, а сопругата по смртта на Ристо заминала во Германија. По заминувањето на Ристо и неговиот брат целата сцена е променета во селото, вели Деков.

Тој објасни како одгледувањето на конопот и пушењето на канабисот бил дел од културата на тамошното население.

– Одгледувањето на коноп и употребата на конопот во 70-тите години било толку нормализирано што луѓето си саделе во своите домови и не станувало збор за страшна супстанца која остава некакви последици. Во подамнешни времиња се одгледувало многу коноп во Македонија, во Охрид, Демир Хисар, Крива Паланка и Берово, од него правеле облека, во одреден период целата облека била направена од коноп, се правеле јажиња, помошни јажиња за седла за коњи и магариња. Во 30-тите години во занаетчиската комора постоел Правилник полагање за изработка на јажиња од коноп и тоа е многу интересно, вели Деков.

Како активист на ХОПС, Деков зборуваше и за актуелните напори на неговата организација за декриминализација, легализација и депенализација на марихуаната и работата на формираната работна група од поранешниот премиер Зоран Заев кој се заложи за легализација на марихуаната.

-Немаме одговор. Бараме средба со работната група. Треба да продолжи со работа работната група. Бараме и средба со премиерот Ковачевски и со министерот за правда Тупанчевски. Премиерот ја назначува Работната група за изработка стратегија за легализација, затоа бараме средба со премиерот Ковачевски, вели Деков.

Тој се осврна и на употребата на канабисот во земјава како и на земјите како Холандија и Португалија каде со децении е легализирана употребата на канабис и кои се последиците од таквата државна политика.

-Во Македонија многу се употребува канабис. Огромен број на луѓе употребуваат или редовно некои рекреативно.  Анкетата во средните училишта во Македонија покажа дека учениците употребуваат канабис во поголем број од европскиот просек. Од друга страна сите релевантни истражувања укажуваат дека штетноста од канабисот е помала од употребата на тутунот. Сите обвинувањата дека ќе создадеме земја каде сите ќе употребуваат канабис не се точни. Да ги земеме на пример Португалија, Холандија. Во Португалија сите видови на дрога се декриминализирани до одредена количина. Имаше благо зголемување на употребата канабисот во првите две – три години, понатаму има намалување на сите видови на супстанци, па сега Португалија по 20 години од легализацијата е земја со најдобар модел. Треба да се одредат правилата како ќе се легализира канабисот. Законската рамка ќе биде казнива и за тие што нема да ги почитуваат правилата. На пример казниво е да се вози под дејство на канабис. Во Холандија различни се казните од регион во регион. Не треба да измислиме топла вода, постојат толку многу примери, туку да избереме најдобар модел за легализација на канабисот кај нас, вели Деков.

Тој очекува неговата книга за канабисот да допре до повеќе луѓе пред се од академската заедница за да можат подобро да ја разберат оваа проблематика.

-Една книга не може да го промени светот, но со луѓето кои ќе ја прочитаат, вклучително и луѓето од академската заедница ќе успееме да го дестигматизираме канабисот и да го гледаме како билка која може да му даде многу на човечкиот род отколку сегашната состојба во која се наоѓа канабисот. Се надевам дека некои ќе го променат мислењето за канабисот и ќе станат поддржувачи на промените, вели Деков.

Тој зборуваше и дека медицинската употреба на канабис е светски тренд.

-Кај нас во 2016 кога се легализираше канабисот за медицински цели беше само за 5 болести, и едно од нашите барање е да се зголемат одобрувањата на продуктите на канабис за различни видови состојби, рече Деков.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот