ВИДЕО | Д-р Каревски: Нашите студенти не знаат дека правиме операции со 3Д технологија, а државата им носи доктор од Бугарија да ги обучува

Доктор Александар Каревски од одделот за трауматологија и ортопедија при болницата „8-ми септември“ во Скопје од 2019 година прави операции со помош на 3Д принт технологијата, но е разочаран што за неговите потфати студентите по медицина воопшто не се информирани, како и дека државата го игнорира и носи доктор од Бугарија да држи предавања за оваа технологија. Доктор Каревски заедно со својот колега Петков се првите кои ја направиле оваа операција во Македонија, но и во регионот, а од 2019 година па до сега имаат направено уште најмалку пет вакви операции.

– Во 2019 година за првпат ја направивме операцијата со имплантација на вештачко рамо со помош на 3Д принт технологијата. Јас и доктор Ненад Петков го дизајниравме посебниот инструментариум кој беше потребен конкретно за таа пациентка затоа што имаше многу голем дефект на коските и беше практично многу тешко да се вгради протеза без да се направат посебни мерки и посебни водичи за вградување на таа протеза. Од тогаш до денеска се направени уште пет до шест слични операции, не само на рамо, туку и операции со помош на 3Д принтање и на потколеница, на стапало, од кои сите покажале одлични резултати. Пред да започнеме со оваа технологија во 2019 година не најдовме ниту еден случај во регионот каде е користена таква технологија, имаше некои операции замислени на тој начин, но не со такво инволвирање на 3Д принтот, од кои повеќето беа во Европа, односно во Австрија и неколку такви операции во Франција, но дефинитивно бевме први во регионот, вели за „Слободен печат“ доктор Каревски.

Деновиве на социјалните мрежи му се појавил настан организиран кај нас, а на кој преку онлајн конференција доктор од Бугарија ќе ги обучува македонските студенти по медицина за работа со 3Д технологијата.

– За докторот од Бугарија не видов дали се уште има направено операција, но идејата му е одлична, а тој тргнал по истите стапки по кои ние одиме од 2019 година, но тука се гледа разликата од нашата и другите европски земји. Значи тој тоа го подготвува веќе една година како идеја, како проект, за кој има добиено награди од претседателот на неговата држава, има добиено неколку грантови и од самиот медицински факултет кои му имаат дадено да формира приватна фирма, па дури и да наплаќа за тоа што го работи само за да се напредне технологијата. За жал кај нас еве веќе втора година во оваа болница работиме со 3Д принтерот, правиме операции, но за жал никој не нема исконтактирано да ни честита, а камоли нешто повеќе од тоа – вели Каревски, истакнувајќи дека самиот тој инвестирал во сопствениот труд, без да добие никакви средства ниту за опремата, ниту пак каква било обука за софтверот со кој ја работи 3Д технологијата.

Покрај тоа што самостојно се обучувал и ги вршел овие потфати со поддршка единствено од своите колеги, Каревски вели оти студентите во Македонија воопшто не се запознати со неговата работа. 

– За жал никој не ме контактираше за обуката која ќе ја врши колега од Бугарија и тоа малку е тешко кога нема да ве контактираат студентите по медицина, тоа значи дека оваа технлогија е толку слабо промовирана што значи дека ниту нашите студенти не се свесни за она што ние го правиме. Јас верувам дека ако студентите имаа знаење, тие сами ќе не контактираа ние да им го пренесеме тоа знаење, а па од другата страна се гледа колку е промовирана друга странска држава со оваа технологија, што дури стигнале за тоа да држат предавање во Македонија – додава Каревски.

Заедно со неговиот колега д-р Петков не планираат да застанат овде, па Каревски ни најави дека во наредните неколку недели ќе се случи операција со 3Д технологија која ќе биде и една од првите на светско ниво.

– Се надеваме дека во наредните две до три недели ќе извршиме операција со вградување на протеза на рамо, но овојпат со многу поголемо инволвирање на 3Д технологијата, со тоа што сега и дел од имплантантот ќе се направи со 3Д принтер, кој ќе биде спеицифичен за тој пациент, за тоа рамо и ќе биде специјализиран само за таа личност со што ќе помогне протезата да се намести точно како што треба за пациентот да има многу подобри резултати – потенцира Каревски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот