ВИДЕО: Цунами ja погоди Тонга по огромна ерупција на вулкан

Ерупција и цунами на Тонга
Ерупција и цунами на Тонга / Фото: Сателитска снимка, скриншот

Цунами бранови предизвикани од џиновска подводна вулканска ерупција ја погодија пацифичката земја Тонга.

Снимките на социјалните мрежи покажаа дека водата збришува црква и неколку домови, а очевидци велат дека пепел паѓа над главниот град Нукуалофа.

Предупредувањето за цунами ги натера жителите да се искачуваат на повисоките места.

Ерупцијата на вулканот Хунга Тонга-Хунга Хаапаи предизвика потреси низ Јужниот Пацифик.

Главниот град на Тонга се наоѓа на само 65 километри северно од вулканот.

Една жителка на Тонга, Мере Тауфа, вели дека ерупцијата ги погодила додека нејзиното семејство се подготвувало за вечера, а нејзиниот помлад брат мислел дека во близина експлодираат бомби.

„Мојот прв инстинкт беше да се засолнам под масата, ја грабнав мојата помала сестра и врескав по моите родители и другите во куќата да го сторат истото“, ја цитира нејзината изјава на новозеландската страница Stuff.co.nz.

Столбови од гас, чад и пепел се излеаја од вулканот и достигнаа 20 километри до небото, соопштија геолошките служби на Тонга.

Осумминутната ерупција била толку силна што можела да се слушне како „гласни громови“ и на Фиџи, кој се наоѓа на повеќе од 800 километри оддалеченост, велат официјални лица во главниот град Сува. Владата на Фиџи издаде предупредување за цунами и отвори центри за евакуација за луѓето од ниските крајбрежни области.

Во Нов Зеланд, кој е оддалечен повеќе од 2.300 километри, властите предупредија на бранови бури.

Националната агенција за управување со вонредни состојби соопшти дека крајбрежните области на северниот и источниот брег на Северниот остров може да видат „силни и невообичаени струи и непредвидливи бранови на брегот“.

Видео на денот