ВИДЕО АНКЕТА | Пред божиќните празници рипнаа цените на производите – за Бадник и посна и скромна трпеза

Во пресрет на најголемиот христијански празник Божиќ, цените на производите на пазарите варираат. Лепче, грав, риба, тиква, туршија, сармички, посни пити и компири се производите кои речиси секое семејство за Бадник ги поставува на трапезата.

Сепак Бадниковата вечера, ден пред Божиќ, се збогатува и со портокали, мандарини, јаболка, но и костени и ореви, урми и смоки кои вообичаено, секоја година, деновите пред празникот, на пазарите се продаваат со зголемени цени.

„Слободен печат“ разговараше со пазарџии и со граѓаните дали овогодишните цени се исти како лани или пак бележат покачување поради економската и енергетската криза која го зафати светот и не ја одмина и нашата држава.

Нашата екипа беше на Зелен пазар, па наидовме на дел од муштерии кои одлучија да премолчат, но и на такви кои беа видно револтирани на високите цени пред секој голем христијански празник.

Забележавме дека бананите се 90 денари, а кивите 70 денари, оревите се 130, додека пак цената на костените се движи од 70 до 130 денари за килограм.

– Ниту имало намалување на цените, ниту ќе има … видно разочаран проговори еден скопјанец.

– Нема народ на пазарот како во претходните години, но ако се има во превид ситуацијата и кризата, нема драстично покачување на цените, изјави друг муштерија.

– Во однос на претходната година, нема големи промени, цените се пристојни на денешниот стандард, изјави друг граѓанин.

Мислењата на пазарџиите се поделени, според некои цените се исти, па други велат дека за одредени намирници паднале.

– Иако скапотијата е се’ поголема, костените ваква цена досега немале. Работиме за еден скромен живот, јас сум задоволен и благодарен на муштериите, изјави еден од анкетираните пазарџии.

– Пред Божиќ треба да ги намалиме цените, за еден ден никој не станува богат. За вакви празници треба да бидеме коректни со цените за секој граѓанин, скромно изјави друг пазарџија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот