ВИДЕО | Андоновиќ: Се очекува повлекување на косовската полиција од Звечан, повторно собирање на косовските Срби пред општинските згради

Најдоцна до 15 часот се очекува повлекување на специјалните единици на косовската полиција од општинската зграда во Звечан, потврдија извори од српската привремена управа. Според членот на привремената управа на општина Звечан Драган Недељковиќ, ова им било ветено на синоќешните преговори со командантот на КФОР, кој, како што вели, им ги дал овие гаранции, но сè уште нема информации дали тоа е исполнето.

Во меѓувреме, српските медиуми јавија дека двајцата Срби кои беа приведени за време на вчерашните судири со косовската полиција и КФОР во Звечан, се ослободени, а на двајца им е одредена мерка притвор од 48 часа.

Над десетина граѓани и околу 25 припадници на КФОР беа повредени вчера во судирите што се случија во доцните попладневни часови пред зградата на општина Звечан, кога насобраните Срби одбија да пропуштат три оклопни полициски возила, по неколкучасовни преговори и протести, барајќи од специјални единици на косовската полиција да ги напуштат Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Косовската полиција синоќа презентираше долг список за што ги обвини демонстрантите. Таа ги обвини дека „ја провоцирале ситуацијата“, ја нападнале полицијата и КФОР, пишувале провокативни српски и руски симболи на полициските и на возилата на КФОР, и опожарил неколку службени полициски возила.

Во меѓувреме, пред зградата на општина Лепосавиќ и Звечан од утринава повторно се собраа голем број граѓани, а во зградата ноќта ја помина новоизбраниот градоначалник на општина Лепосавиќ, Лулзим Хетеми.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во вонредно обраќање изјави дека во вчерашните судирите на северот на Косово се повредени повеќе од 50 Срби, од кои тројца се тешко ранети. Вучиќ го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека го предизвикува конфликтот.

По повод конфликтот на Косово, претседателот на Србија телефонски разговарал со шефот на евродипломатијата, Жозеп Борел и министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани и ги информирал за ситуацијата, велејќи дека таа е „организирана од Албин Курти“ и дека сите знаеја за тоа со денови. Вучиќ затоа ги замолил Борел и Тајани „да расудуваат со него“, соопштија од кабинетот на Вучиќ.

Насилството на северот на Косово го осудија САД, Германија, Италија, Европската унија и мисијата на ОН на Косово (УНМИК).

Вучиќ утринава во Белград свика средба со претставниците на земјите од Квинтата (САД, Британија Германија Италија и Франција), и одделни средби со амбасадорите на Русија и Кина.

Албанскиот премиер Еди Рама им порача на властите во Приштина внимателно да ги слушаат своите сојузници и да не одат по патот што ќе предизвика штета на Косово. Тоа не е апел, тоа е потреба“, напиша Рама на Твитер.

Голем број косовски Срби вчера протестираа против новоизбраните градоначалници Албанци во општините со мнозинско српско население Северна Митровица, Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток.

Новите градоначалници во петокот положија заклетви и влегоа во нивните општинските згради обезбедувани од голем број припадници на специјалната полиција.

На вонредните локални избори на 23 април годинава, кои Србите ги бојкотираа откако претходно минатиот ноември ги напуштија централните и локалните институции, победија кандидатите на партиите на етничките Албанци, но со исклучително ниска излезност на граѓаните со право на глас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот