ВИДЕО | Александар и Дац: Ќе пееме убави, стари песни, кои ќе ги вратат старите скопјани во некои убави времиња

Драган Спасов-Дац и Александар Митевски по барање на своите многубројни обожаватели, конечно организираат роденденска забава што ќе ги собере на концерт на убавата зелена градина на покривот на Градскиот трговски центар. Повод е четвртиот роденден што го слави музичкото дуо, а „Слободен печат“ се сретна со главните „виновници“ за оваа голема забава, токму на зелената градина во ГТЦ. Во пријатна атмосфера разговаравме со Дац, Александар и со директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.
Дружбата е најавена за 29 септември, петок, од 20:30, а скопјани можат да очекуваат вечер исполнета со познати фестивалски рефрени, евергрини и интересни градски приказни.
– На зелената градина во ГТЦ ќе се одвива нашиот концерт, кој сакавме да го направиме со мерак за скопјани. Одамна нѐ прашуваа: „Кога ќе направите нешто за Скопје, нешто што ќе остане само за скопјани?“, и решивме да го направиме тоа тука во ГТЦ, затоа што ова е споменик, кој е останат од едно време, онаков каков што е, автентичен. Ќе пееме некои убави, стари песни, кои ќе ги вратат оние старите скопјани во некои убави времиња – вели Дац.
Оваа посебна вечер ќе ја потсети публиката на времето кога Скопје и ГТЦ беа дел од секојдневните градски прошетки. Роденденски подарок што Дац и Александар го подготвувале изминатите 4 години, од кога функционираат како музичко дуо.
– Мене ми се чини како да постоиме 40 години, бидејќи сме многу активни секој ден. Бевме со луѓето во целиот пандемиски период, и дење и ноќе дававме еден зрак надеж на народот. Оттогаш сите повици беа насочени кон тоа, кога ќе се отвори можност да направиме нешто, каде што секој слободно ќе може да дојде. Токму затоа го правиме овој концерт за сите генерации, а поводот е нашиот четврти роденден. Влезот е слободен и сакаме да го исполниме и облагородиме овој простор со убави песни и убави луѓе. Вративме некои песни од стари скопски фестивали и покрај нашите, ќе се слушнат и некои убави рефрени од тоа време. Ова нека биде повод да се собереме и да направиме нешто убаво и за Скопје и за ГТЦ – вели Митевски.
– Ако досега сме имале посебни приказни на сите свирки, овде ќе биде најголемата, ќе се појават и некои луѓе, кои ќе кажат нешто за Скопје и за ГТЦ. Кога му предложивме на Ѓоко Трајчевски, директорот на ГТЦ, да го направиме концертот тука, тој веднаш го прифати предлогот и рече дека многу му се допаѓа идејата – открива Дац.

Зелената градина на покривот на градскиот трговски центар е убаво катче, кое граѓаните го користат за да го испијат своето утринско кафе, да здивнат од работните обврски или, пак, да остварат по некоја романтична средба. Просторот се користи и како алтернативна сцена за забавни и културни настани, па така и овој концерт на Дац и Александар ќе биде одлична можност за уживање во пријатниот амбиент исполнет со убава музика.
– Овој концерт многу значи не само за ГТЦ, туку и за граѓаните на Скопје и државата. Да се вратиме малку во историјата и да потсетиме дека 1960 се удрени првите темели во ГТЦ, првите продавници почнале со работа во 1972 година, а се наоѓале каде што е сега паркинг-просторот. Инаку, јас многу се радувам што заедно со Дац и Александар ќе направиме една убава журка во ГТЦ, а граѓаните на Скопје ќе имаат можност да се забавуваат. Има интерес за организирање настани тука на зелената градина и секогаш имаме многу посетители, затоа верувам дека и концертот на Дац и Александар ќе има голема посетеност – изјави Ѓоко Трајчевски, директорот на ГТЦ.