Веста за вакцината ја закрепна светската економија

epa08297986 A trader wipes his forehead at the opening bell at the New York Stock Exchange in New York, New York, USA, 16 March 2020. Stocks opened sharply lower this morning and trading was halted for 15 minutes at the opening bell as investors continue to react to the impact of the coronavirus COVID-19 pandemic. EPA-EFE/JUSTIN LANE

Цената на суровата нафта скокна на меѓународните пазари на над 44 американски долари по барел, откако фармацевтската корпорација „Модерна“ објави дека ефективноста на нејзината експериментална вакцина против ковид-19 е 94,5 проценти.

На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 1,48 долар во споредба со претходното затворање и изнесуваше 44,26 долари. На американскиот пазар, барелот поскапи 1,5 долар и се тргуваше по 41,63 долари.

На почетокот на неделата, „Модерна“ објави дека нејзината експериментална вакцина против ковид -19 се покажа како ефикасна кај 94,5 проценти од учесниците во третата фаза од клиничкото испитување. Компанијата планира да аплицира за одобрување на вакцината во САД во следните недели.

Цените на нафтата се поддржани и од податоците на Кина и на Јапонија, втора и трета по големина економија во светот. Јапонија излезе од рецесија во третиот квартал и кинеските податоци покажуваат дека рафинериите обработувале рекордни количини сурова нафта на дневна основа во октомври.

Доброто расположение е поддржано и од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои минатиот месец го намалија производството за нешто повеќе од договорените 7,7 милиони барели дневно.

Изливи на воодушевување

Голем број светски научници и лекари излегоа со ентузијастички реакции по веста дека вакцината против коронавирус на американската фармацевтска компанија „Модерна“ ги надминала сите претходни очекувања.

– Вестите од „Модерна“ се многу возбудливи и постои значителен оптимизам дека во следните неколку месеци ќе имаме избор на добри вакцини. Потребни ни се повеќе детали отколку што добивме во соопштението за јавноста, но самата најава придонесува за општо чувство на оптимизам – изјави професорот Питер Опеншоу од престижниот лондонски Империјал колеџ.

– Гледаме дека следува друга вакцина со слични резултати на ефикасност како вакцината на „Фајзер“ од минатата недела, а тоа е многу добра вест. Треба да се има на ум дека ова се привремени резултати, што значи дека биле испитани доволно случаи кај вакцинирани субјекти за да може да се зборува за статистички значаен резултат – порача професорката Труди Ланг од универзитетот во Оксфорд.

Успехот на американската компанија „Модерна“ го искоментира и Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести.

– Ова се очигледно многу возбудливи резултати. Тешко дека може да се добијат подобри резултати од ова, ефикасноста од 95 отсто е навистина извонредна – рече д-р Фаучи.

СЗО: Вакцината нема да биде доволна

Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, посочи дека вакцината сама по себе нема да ја запре пандемијата на коронавирусот.

– Вакцината ќе ги надополни другите алатки што ги имаме, нема да ги замени. Вакцината сама по себе нема да стави крај на пандемијата – изјави Гебрејесус.

Податоците на СЗО од саботата покажуваат дека 660.905 случаи на коронавирус се пријавени во здравствената агенција на Обединетите нации, што претставува нов скок во негативната статистика.

Гебрејесус додаде дека првичното снабдување со вакцината ќе биде ограничено, при што „здравствените работници, старите лица и другите ризични популации се приоритет.“

– Се надеваме дека ова ќе го намали бројот на смртни случаи и ќе им овозможи на здравствените системи да се справат – рече Гебрејесус.

Но, тој предупреди дека вирусот и натаму ќе биде опасен, дека надзорот за заразените ќе мора да продолжи, а суспектните ќе мора да бидат тестирани, изолирани и згрижени.

По избувнувањето на пандемијата, повеќе од 55 милиони луѓе се заразени, а повеќе од 1,3 милиони починаа.

ЕУ започна преговори со „Модерна“

Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидис изјави дека Европската Унија е во преговори со американската компанија „Модерна“ за обезбедување дози на вакцината против ковид-19, нагласувајќи дека преговорите сѐ уште не се завршени.

– Преговорите со компанијата се во тек. Сѐ уште немаме заклучок или потпишан договор – истакна Киријакидис пред европратениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот