Венко Филипче: Вирулентноста опаѓа, новите случаи се од 15 семејства, најголемиот дел без симптоми

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Каде и да се, дали во Скопје или во излетнички места, граѓаните да носат маски, да одржуваат дистанца од два метри и да ги почитуваат мерките за превенција од коронавирусот бидејќи со него мора да се научиме да живееме, порача министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција на која ја презентираше најновата дневна состојба.

Првичните резултати откако почнале да се појавуваат нови случаи поврзани со семејните настани на 24 и 25 мај и неколку дена претходно, покажале дека има одреден процент на лица што го имаат коронавирусот, но немаат никакви симптоми. Поради тоа, интензивно се тестирале сите примарни контакти на првично дијагностицираните и резултатите покажале дека 90 проценти немаат симптоми.

-Другите имаат лесна симптоматологија. Зошто ова го направивме? За да го процениме ризикот кон здравствениот систем и да процениме дали може да се очекува некоја тешка форма на болеста кај новодијагностицираните и да ни се пренатрупаат болниците. Но тоа не е случај и тоа го докажавме со тестирањето на примарните асимптоматски контакти. Кај членови на едно семејство, на пример од 10 теста, има еден позитивен член со лесни симптоми, а другите 9 се асимптоматски носители. Моравме да процениме дали болеста прераснува во тешка форма, што не се случува изминативе две недели. Вируленцијата опаѓа и знаеме дека здравствениот систем не е во ризик. Затоа се зголеми бројот на тестирањата на примарните контакти во семејствата кои немаат апсолутно никакви симптоми, објасни министерот.

Во врска со полицискиот час во Скопје тој објасни дека ваквата мерка е донесена, поради тоа што овие лица, кои немале симптоми а биле позитивни на вирусот, дале податок дека се движеле во целиот град. Оттука, логично било да се заштити целото население во главниот град.

-Зошто беше потребна рестрикција и зошто ваква? Прво, во рамките на движењето во Скопје, многу од овие луѓе дадоа податок дека се движеле низ целиот град. Моравме да ја направиме оваа рестрикција за да се заштити целиот град Скопје. Мислам дека на другите места, каде што има спорадични случаи нема потреба од целосна рестрикција. Ние впрочем, од понеделник најверојатно, повторно ќе кажам, со резерва, нема да имаме никаква рестрикција. Најверојатно насекаде ќе биде ослободено движењето, како што беше до четвртокот. Сите позитивни ќе бидат во изолација, ќе ја следиме нивната состојба, иако ќе повторам, еден сериозен дел од прво дијагностицираните во рамките на семејните настани воопшто не развија симптоми. Потоа ќе следи контролен тест за нивно негативизирање. Кај огромен процент ќе повторам, 90 посто немаше потреба од никаква терапија. Тоа беше пристап со кој го проценивме ризикот, за да не се случи голем број на пациенти во еден момент во болниците и добивме доказ дека вируленцијата опаѓа, објасни Филипче.

Со оглед на тоа што сме сведоци дека за викендот се пренатрупаа излетничките места и туристичките локации, министерот рече дека тоа не е неочекувано, но дека граѓаните мора да ги почитуваат мерките каде и да се.

– Ние ќе треба да научиме да живееме со овoj вирус и понатаму. Секој следен викенд можеби ќе претставува прилика граѓаните да заминат во туристичките места. Ние во мерките за олабавување планираме и отворање на хотелите. Затоа каде и да одат граѓаните, дали се во своите градови или посетуваат места, овие превентивни мерки се универзални, важат за секого и секаде. Маската, дистанцата и честото миење на раце постојано да се применуваат, апелираше тој.

Деведесет проценти од новите случаи со коронавирус, доаѓаат од вкупно 15 семејства. Тоа е показател дека болеста се шири тесно во рамките на кластерите, но има и спорадични случаи кои се доказ дека вирусот постои поради што се продолжува со максимална претпазливост.

-Имаме втор бран кој е резултат на непочитување на мерките за собири и групирање што впрочем го докажа и деталниот увид во анкетните прашалници. Зголемениот број е очекуван поради начинот на тестирање кој го применивме овие изминати денови. Првите случаи од семејствата покажаа дека се асимптоматски носители и сакавме да видиме колку е тоа силно изразено. Бранот најверојатно многу кратко ќе трае но остануваме максимално внимателни и претпазливи. Вирулентноста значајно слабее. Анализата на симптомите во изминатите 7 дена покажува дека има огромен број на случаи кои се асимптоматски и со многу лесни симптоми, близу 90 проценти. Но, ова не значи дека вирусот не е опасен. И сега има пациенти со тешка клиничка слика, што значи дека граѓаните треба многу да внимаваат и да ги почитуваат мерките. Тука мислам и на хронично болните. Иако бројката на заразени е висока, таа се шири во рамките на кластерите.

Филипче истакна дека не треба да се затвораат очите, туку будно и транспарентно да се следи од каде доаѓаат новите пациенти.

Од вкупно извршени рекордни 1272 тестирања во изминатите 24 часа, дијагностицирани се 180 нови пациенти со Ковид 19. Од нив 109 се од Скопје, 26 од Куманово, 15 од Штип, 12 од Тетово, едно лице од Дебар, 12 од Тетово, едно лице во Струга Велес Битола и Охрид, осуммина во Гостивар, двајца во Валандово и по еден во Св. Николе и Неготино. Оздравени се 11 пациенти. Двајца пациенти на 59 и 68 годишна возраст починаа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот