Велигденски пост 2026 година: Кога започнува и кои се правилата?
Велигденскиот пост оваа година започнува во понеделник, на 23 февруари, и трае до 11 април 2026 година.
Препорачано
Велигденскиот пост е најдолгиот и најстрог пост во православната традиција, кој верниците го дочекуваат како подготовка за најголемиот христијански празник – Велигден. Оваа година постот започнува на 23 февруари и завршува на 11 април, а Велигден се празнува во недела, на 12 април.
Великиот или Велигденскиот пост е најважниот постен период во текот на годината. На крајот на овој пост следи и постот на Страсната недела, па така вкупниот постен период трае 48 дена и завршува со празникот на Велигден. Основната цел на постот е да нè подготви телесно и духовно за празникот на Велигден, Воскрсението Христово.
Од православните христијани во овој период се очекува да ги почитуваат правилата за исхрана, но и да работат на духовното прочистување.
Вистинскиот пост има две страни: телесна и духовна. Се состои како во воздржување од месна храна, така и во воздржување од лоши мисли, желби и дела, во множување на молитвите, добродетелите и вршењето на сите евангелски добродетели.
Велигденски пост – правила
Секоја од седумте недели на Велигденскиот пост има свое име и свои специфични правила. Сепак, постојат правила кои се однесуваат на целиот постен период:
„За време на овој пост се воздржуваме од месо, јајца, сирење, млеко, односно храна од животински масти. Виното и маслото се дозволени само во сабота и недела и на денот на Светите четрдесет маченици (Мледенци), додека риба се дозволува само на Благовештение и Цвети. На сите останати денови постот е ‘на вода’, особено строго во среда и петок. Седмичните денови, освен среда и петок, може да се разреди со масло, но со посебен благослов од свештеникот. Првите три дена од првата недела на Великиот пост од старо време се постат особено строго. Исто важи и за последната недела на постот која се посте ‘на вода’, освен Велики четврток, кога се дозволува масло и вино. На Велики петок се воздржуваме од јадење и пиење сè до изнесувањето на Плаштаницата, до 15 часот, по што се зема лесен оброк ‘на вода’. Строго се посте и Велика сабота“, стои во правилникот на Српската православна црква.
Седумте недели на Велигденскиот пост
Прва седмица – Чиста недела
Првата недела се нарекува и Тодорова или Теодорова недела. Според православниот типик, првите три дена од постот треба да се држи таканареченото „тримирје“ – целосно воздржување од храна и пијалаци. За оние кај кои тоа е невозможно, се применува „сува храна“ или пост на вода. Во четврток се пости на вода, додека во останатите денови од седмицата е дозволено јадење храна подготвена со масло.
Втора седмица – Света седмица
Во оваа седмица се пости на вода од понеделник до петок, додека во сабота и недела е дозволено масло.
Трета седмица – Крстопоклона недела
Трета седмица се посветува на Чесниот Крст, поради што неделата го носи името Крстопоклона. Се пости на вода од понеделник до петок, во сабота е дозволено масло, а во недела риба, бидејќи на овој ден, 7 април, се слави Благовештение.
Четврта седмица – Средопосна недела
Седмицата која е точно на средина од Великиот пост се држи исто како втората – на вода од понеделник до петок, а во сабота и недела е дозволено масло.
Пета седмица – Глува недела
Оваа недела е време на молк, покајание и тишина. Во Глува недела црквата забранува било какви веселби, музика и забави. Постот е на вода во понеделник и вторник, додека од среда (Прво бдеење) до недела е на масло, со тоа што во петок (Второ бдеење) е дозволено и вино.
Шеста седмица – Цветна недела
Името ја добила по празникот Цветници, кој го обележува влегувањето на Исус Христос во Ерусалим. Постот се држи како и трета недела – на вода од понеделник до петок, во сабота е дозволено масло, а во недела риба.
Седма седмица – Страдална или Страсна недела
Последната недела пред Велигден верниците ја поминуваат во строг пост, молитва и покајание. Од понеделник до среда се пости на вода, во четврток е дозволено масло, додека на Велики петок се наложува целосно воздржување. Во сабота повторно се пости на вода, а кога ќе дојде неделата и Велигден, Великиот пост завршува.


