Величествената програма на јубилејните 50. Мајски оперски вечери ќе биде отворена со „Норма“

Последни подготовки за премиерата на операта „Норма“ / Фотографија: Емил Петров

Традиционално, со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет на 9 мај 2022, со почеток во 19.30 часот, ќе бидат отворени јубилејните 50. „Мајски оперски вечери“, а фестивалскиот оган ќе го запали нашата оперска примадона г-ѓа Милка Ефтимова.

Меѓународниот фестивал на оперската уметност „Мајски оперски вечери“ почнува на 9 маj, а ќе трае до 31 мај. На јубилејното, 50. издание на овој реномиран фестивал ќе се изведат некои од најубавите оперски претстави, како и две балетски претстави, со настап на реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.

Во рамките на фестивалот, ќе биде промовирана монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски, а рецензент е Фимчо Муратовски, диригентот на операта „Цар Самоил“, првата претстава со која биле отворени Мајските оперски вечери во далечната 1982 година.

Во јубилејната година, „Мајски оперски вечери“ (МОВ) свечено ќе бидат отворени со премиерата на една од водечките белканто опери во светската оперска литература, операта „Норма“ од Винченцо Белини, на 9 мај, во 20 часот, под диригентската палка на гостинот од Италија, Енрико Довико, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценограф и костимограф е Флавио Арбети (Италија), коавтор на костимите е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор се Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Премиерата на „Норма“ беше најавена на прес-конференција на која се обратија директорот Васо Ристов, уметничката екипа од Италија и солистите во главните улоги.

– Со изминувањето на годините, сѐ повеќе и посигурно МОВ ги остваруваат проектираните цели и ја оправдуваат потребата за нивното постоење и одржување етаблирајќи се како ценета, престижна и меѓународно етаблирана музичко-сценска манифестација. И после двегодишната пандемија, НОБ успеа да го задржи својот континуитет и квалитет со оглед на предизвиците кои ги носат светската економска, енергетската и безбедносната криза – рече Ристов.

Прес-конференција за премиерата на операта „Норма“ на 50. Мајски оперски вечери

Режисерскиот концепт за изведбата на „Норма“ е да се постигне автентичноста на операта како на нејзината прва изведба пред речиси 200 години, а фокусот е ставен на враќањето кон природата и во таа насока се создадени и сценографијата и костимографијата. Во операта има силни драмски моменти и затоа е многу важно да учествуваат искусни изведувачи.

Во насловната улога ќе настапи оперската првенка Благица Поп Томова, во улогата на Полионе е Ѓорѓи Цуцковски, а љубовниот триаголник го затвора Сандра Митровска како Адалџиза. Во изведбата на 9 мај ќе настапат и Иван Томашев (Србија), Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Василиј и Стефан Дашиќ, хорот и оркестарот на Националната опера и балет. Втората изведба на „Норма“ ќе биде на 11 мај, во 20 часот.

На оф-програмата на 50. МОВ на 14 мај ќе се изведе балетот во девет слики „Госпоѓиците од Авињон“ по музика на Калиопи Букле, кореографија и режија на Олга Панго, либрето и драматургија Сашо Димоски, додека до крајот на фестивалот ќе бидат изведени и операта „Лучија од Ламермур“ на големиот италијански композитор Гаетано Доницети, романтичниот балет во два чина „Жизел“ од Адолф Адам, операта „Турандот“ од Џакомо Пучини и традиционално, на 31 мај, Мајските оперски вечери ќе се затворат со величествената „Аида“ од Џузепе Верди.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот