Продолжија возбудувањата во Првата македонска лига, на стартот од 12 коло денеска на Градскиот стадион во Велес екипата на Вардар триумфираше над Борец со 0:2 (0:0).
Вардарци ги освоија трите бода во финишот од средбата со головите на Попзлатанов (79`) и Цветановски (91`). На тој начин победнички му го честитаа 41 роденден на нивниот тренер Александар Васоски.
Интересен е податокот што составот на Васоски четири меча немаше триумф во првенството, последен пат славеше на 27 септември 2020 година на домашен терен против Беласица (3:1).
На табелата после четвртата победа сезонава „црвено-црните“ се наоѓаат на шестото место со 16 бодови, додека Борец кој го претрпе третиот пораз е четвртопласиран со 19.
Останатите пет средби од лигашката рунда ќе се одиграат в недела исто така од 13.00 часот: Шкендија-Шкупи, Работнички-Македонија ЃП, Силекс-Беласица, Академија Пандев-Пелистер и Струга Трим Лум-Ренова.