„Вардар филм“ и Фондација „Лумбарди“ потпишаа меморандум за соработка

Сцена од филмот „Македонски дел од пеколот“

Националната установа Филмски центар „Вардар филм“ – Скопје и Фондацијата „Лумбарди“ од Призрен на 13 април потпишаа меморандум за соработка, со цел развивање на филмски програми, едукација во областа на историјата на филмот и програми за размена на искуства. Со меморандумот се очекува да се прошират и надградат капацитетите и регионалната соработка на овие две значајни институции на филмот и кинематографското наследство.

Документот беше потпишан во Призрен од директорот на „Вардар филм“, Сани Саиди, и од директорката за финансии и администрација на Фондацијата „Лумбарди“, Фиторе Реџепи.

Невладината организација „Лумбарди“ е основана во 2015, како продолжение на иницијативата за заштита на поранешната јавна установа – кино „Лумбарди“, чие седиште е во Призрен, Косово, и што оваа година одбележува 70 години од постоењето.

Јубилејот ќе се одбележи преку иницијативата за соработка со „Вардар филм“, во рамките на филмската програма „LXX“, на која ќе се прикажат и два филма во продукција на „Вардар филм“ – „Жед“ (1971) и „Македонски дел од пеколот“ (1971).

За оваа и за идните заеднички регионални проекти и програми, освен придонесот на раководството и вработените во овие институции, придонесоа и кураторите на програмата „LXX“ – Кумјана Новакова (филмска авторка и кураторка), Бенги Музабег (филмски теоретичар) и Ветон Нурколари (уметнички директор на „ДокуФест“, Призрен).

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 29 април 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот