Ванковска контра Муцунски: Уставното право не познава „одложена примена на уставни измени“

Ванковска реагира на изјавата на Муцунски/Фото колаж: Слободен печат

Кандидатката за претседател на државата Билјана Ванковска од редовите на Левица реагираше на изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски за уставните измени во која нагласува дека неговата партија се залага за одложена примена на измените на Уставот.

-Нашиот став што го имаме до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени, рече тој и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ легитимна алтернатива е да се бара одложната примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет, но и гаранција дека нема да има повеќе билатерализација на европската интеграција на Македонија, повтори Муцунски во понеделникот на програмската дебата насловена Дипломатски хоризонти – Реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија посветена на ЕУ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198.

Ваквата изјава ја испровоцира професорката Ванковска која нагласува дека ова е уште една манипулација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако ќе ги прифати уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот доколку ја освои власта и формира Влада.

-Можеби некој конституционалист/уставен правник ќе ни објасни што значи ова „одложена примена на уставните измени”… Јас за вакво нешто во компаративното уставно право не сум слушнала. Но, ова е Македонија – земјата на чудата. Моето “лаичко” толкување е: ние навистина ќе го смениме уставот и ќе ги вметнеме и Бугарите и сите други, но ќе се преправаме дека уставните амандмани не се во сила до крајот на преговорите. (Не заборавајте дека ветија и намалување на бројот на пратеници за што е потребно да се смени уставот). Впрочем, и Заев ве лажеше за имплементацијата на Преспанскиот договор дека ќе се случи „поглавје по поглавје“, реагира професорката Ванковска до помладиот колега од Правниот факултет кој е доцент по римско право.

Ванковска која е доктор по политички науки додава: „И ова го нарекуваат „непопустлива надворешна политика“. Немојте после не сте знаеле. Само треба да читате меѓу редови“.

Вчера и бугарски „Фактор“ реагираше на изјавата на Муцунски за „одложена примена на уставните измени“ и ги нарече лажни и антибугарски ваквите тврдења.

-Тврдењата на актуелната македонска опозиција од ВМРО-ДПМНЕ дека „со добра комуникација и дипломатска офанзива може да се постигне одложено спроведување на уставните измени“, се апсолутно лажни и антибугарски, но не наидуваат на отпор од бугарската страна на официјално ниво, пишува Фактор и додава дека односите меѓу Софија и Скопје целосно замреа во последните години, а вклучувањето на македонските Бугари во македонскиот устав е приоритетен услов за продолжување на преговорите со Брисел.

„Фактор“ нагласува дека не е можно да се смени преговарачката рамка меѓу Скопје и ЕУ за да се одложи вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата и ги критикуваше бугарските власти и МНР што не реагираат на ваквите манипулативни тврдења на македонската опозициска партија во рамки на предизборната кампања за парламентарните и претседателските избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот