Вакцинирани и починати: Каде се Македонија, Србија и Хрватска ако Данска има најмногу вакцинирани и најмалку починати од ковид

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

На два месеци пред заокружувањето на втората година од почетокот на пандемијата на ковид-19 во светот, некои индикатори покажуваат кои земји до каде стигнале со борбата со коронавирусот и за кои може да се каже дали излегуваат од глобалната криза која го клекна човештвото на колена.

За Данска, на пример каде 75,8% од вкупното население е целосно вакцинирано и 76,9% од населението е вакцинирано со најмалку една доза, се чини дека епидемијата е при крај.

Во Србија дневно умираат 59 лица, во Данска помалку од двајца

За Србија, каде што 43,2% од вкупното население е целосно вакцинирано, а 45,1% од населението е вакцинирано со најмалку една доза, јасно е дека епидемијата е далеку од завршена.

Македонија во однос на смртноста е помеѓу двете, а според опфатот на вакцинација има помал процент од Србија.

Така, заклучно со 24.10.2021, вакцинирани се вкупно 808.148 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 771.749 лица, а со трета доза се вакцинирани 10.444 лица.

Со една доза на вакцина против ковид-19 се вакцинирани 39,1% од граѓаните на Р. Северна Македонија, додека опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 37,3%, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

Во однос на смртноста, во последноте шест дена во Македонија, просечно дневно од ковид-19 починале по 12 лица.

Во Хрватска пак, досега само 43,5% од вкупното население  се целосно вакцинирани, практично исто како и во Србија. 46,2% од населението во Хрватска биле вакцинирани со најмалку една доза, малку повеќе отколку во Србија.

Имено, во Србија од коронавирус дневно умираат околу 59 луѓе, гледано во просек од седум дена, според Our World In Data. Во Данска, со истиот просек, во моментот дневно умираат околу две лица – поточно 1,6. Во Хрватска, која е помала од Србија (6,9 милиони жители), но и од Данска (5,83 милиони жители), во просек дневно умираат околу 22 лица.

Споредба во однос на хоспитализациите

Во Данска се хоспитализирани 20 луѓе на милион жители, во Србија 960, и ако го погледнеме бројот на умрени на милион жители, за да се приспособат бројките на смртни случаи на големината на секоја земја, во Данска во последните две недели починале 4,8 лица на милион жители, а во Србија 113,3. Во Хрватска во истиот период починале 69,1 лице. Ако ги погледнеме бројките на новозаразени, јасно е дека во Србија ги има многу повеќе, но во Данска тој број сè уште не е толку низок за да се објасни толку нискиот број на починати. Така, сегашниот просек на нови случаи на коронавирус во Данска, во неделен просек, е 1254,1 дневно или 215,7 на милион жители. Во Србија е 6974,4 дневно или 1009,6 на милион жители. Во Хрватска, пак, дневно имаме 2538,9 нови инфекции или 622 на милион жители.

Понатаму, на 17 октомври, последниот ден кога податоците за двете земји се достапни на Our World In Data, Данска имаше 20,6 хоспитализирани пациенти со коронавирус на милион жители, а Србија 959,6. На 10 октомври, кој е последен ден со податоци на оваа страница, Хрватска има 205,6 хоспитализирани на милион жители.

Што точно е причината за оваа драматична разлика? Сигурно има повеќе од една причина, но исто така сигурно е дека една од причините е драстичната разлика во вакцинацијата.

Данска ги укина речиси сите мерки во септември

Данска, инаку, на почетокот на септември ги укина буквално сите епидемиолошки мерки, вклучително и сертификатите за ковид, кои таму беа на сила со месеци за ресторани, барови, фризерски салони, спортски сали, ноќни клубови и големи настани како фудбалски натпревари. Ноќниот живот повторно беше дозволен во септември без потврди за ковид, по година и пол откако беше затворен.

Маските за лице останаа задолжителни само на аеродромите, а на луѓето сè уште им се препорачува да ги носат кога се на лекар, во центрите за тестирање или болници. Сè уште се препорачува дистанца, а за странците сè уште важат строги ограничувања за влез во земјата.

Данската влада не ја прошири класификацијата на ковид-19 како „социјално критична болест“ токму затоа што вакцинацијата, која достигна импресивни 75,7% од вкупното население до денес, практично ја заврши епидемијата. Данска во моментов е петта највакцинирана земја во Европа, зад Португалија, Малта (82,7%), Исланд (81%) и Шпанија (79,6%).

Данските виролози ќе бараат рестрикции ако заразата ескалира

За враќањето на Данска во „старото нормално“ најдобро сведочи големиот концерт на отворено, одржан на 11. септември во Копенхаген, на кој присуствуваа дури 50.000 луѓе и тоа без задолжителни маски.

Сепак, Јенс Лундгрен, професор по вирологија во Универзитетската болница во Копенхаген, предупреди дека ако се  укинат преостанатите мерки сепак владата ќе биде „сосема подготвена“ повторно да воведе ограничувања доколку инфекцијата повторно ескалира.

„Светот е во средина на пандемија и никој од нас не може да тврди дека е надвор од пандемијата“, рече Лундгрен, кој ја опиша Данска како „изолиран остров“ каде што воведувањето на вакцината успеа.

Данските здравствени власти сега почнуваат да повикуваат повеќе граѓани да примаат трета доза од вакцината, стравувајќи од одредено опаѓање на имунитетот создаден од вакцините mRNA (Фајзер и Модерна) што го покажаа неодамнешните истражувања.

Србија, пак, во петокот воведе зелени карти за влез во сите затворени угостителски објекти, но дури после 22 часот. Невакцинираните гости на угостителските објекти кои престојуваат или доаѓаат во барот или клубот после 22 часот, мора да покажат негативен PCR или антиген (БАТ ) тест , направен во една од референтните државни лаборатории.

Српски епидемиолог оценува: Ова е масовно убиство

Српската премиерка Ана Брнабиќ ја опиша епидемиолошката состојба во земјата како „катастрофална“. Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Ѓерлек за РТС изјави дека ќе чека „една недела до 10 дена“, а доколку не се види ефект од ковид пропусниците, од Кризниот штаб ќе се побараат „поригорозни и многу поефикасни мерки“.

Вирологот и микробиолог Миланко Шеклер предупреди дека воведените ограничувања се „премногу кратки“ и „без јасна стратегија“ и додаде дека овој тип временски ограничени пропусници за ковид „не постојат никаде во светот“ и дека мерката е поништена од фактот дека невакцинираните гости можеле неконтролирано да седат во ресторани, клубови и кафулиња до 22 часот, кога почнува проверката на пропусниците.

„Ситуацијата е трагична, ужасна, катастрофална. Секој ден имате речиси 8.000 заразени. Таа бројка не паѓа значително. Осцилациите на неколку стотици или илјада новозаразени луѓе не значат ништо“, заклучи Шеклер во гостувањето на српската РТС.

Епидемиологот Зоран Радовановиќ, исто така, тврди дека воведувањето на ковид пропусници, на начинот на кој тоа го направија властите во Србија, е „симболична мерка што нема да влијае на инциденцата на болеста“.

„Веќе не е прашање дали владата ќе се однесува како државник или политичар, ова е прашање за масовно убиство и до кога тоа ќе се толерира“, изјави Радовановиќ за Н1.

Четири деца во Белград на респиратор, 20-годишна трудница, 16-годишник починаа …

Дека ситуацијата во Србија е навистина критична најдобро говори фактот што дури четири тешко болни деца во моментов се приклучени на респиратор во белградскиот Институт за мајка и дете „Д-р Вукан Чупиќ“, меѓу кои и седумгодишно девојче и шестмесечно бебе.

Се почести се вестите за релативно млади, но невакцинирани Срби кои му подлегнале на коронавирусот. Така, истиот ден, на 27 септември, од Ковид-19 починаа сопружниците Дејан (45) и Сузана (37) Тодоровиќ од Мали Црниќ кај Пожаревац. На 5 октомври почина 20-годишна трудница од Књажевац кај Ниш.

Во болницата во Панчево на 17 октомври почина 27-годишната стоматолог Ивана Латовљев, а 16-годишниот млад човек од Крушевац, Александар Ц., почина дома, каде што беше изолиран од коронавирус. Повторно, ниту еден од нив, како што е познато, не бил вакциниран.

Во Македонија досега починаа 5 трудници и 29 здравствени работници

Регистрирани се 7.062 смртни случаи (Лт = 3,5%). Во однос на дата на смрт најголем број се регистрирани на 08.04.2021 година (n=49), а според недела на пријавување во тек на 14-тата недела во 2021 година (n=293) (Графикон 3). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=5.760) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 1.324,3/100.000 жители. Регистрирани се 4.244 (60,1%) смртни случаи кај лица од машки и 2.818 (39,9%) кај лица од женски пол. Кај 5.284 (85,8% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=4.309), дијабет (n=1.775) и белодробна болест (n=802). Од пријавените случаи на реинфекција, 6 завршиле со смртен исход. Регистрирани се 5 смртни случаи кај бремени жени и 29 смртни случаи кај здравствени работници. Од пријавените смртни случаи, 455 (6,4%) починале во вонболнички, а 6.607
(93,6%) во хоспитални услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот