В сабота на десетина локации во Скопје ќе се одржи традиционалната „Бела ноќ“

Концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси ќе се случуваат вечерта во сабота, на 30 септември, на десетици локации низ градот во рамките на традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“. Настанот е во организација на ЈУ „Универзална сала“, финансиран од Град Скопје, а е дел од богатата културна понуда на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028.
Централната манифестација ќе се одржи пред Порта Македонија каде скопјани ќе уживаат во композициите од маестро Кире Костов, во изведба на Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски придружувани од „Биг Бенд“ под диригентската палка на Љупчо Мирковски и специјално визуелно шоу со 3D мапинг на самата порта. Како претходница ќе може да се чуе рок концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на класата ученици од 10 до 18 години.
„Октомвриски музички поход“ ќе го имаат своето прво издание на „Школка“ во градскиот парк, а ќе може да се чујат и видат групата Педро Хоризонте, Стефан Петановски Бенд, Занаду Бенд, Димиш Бенд и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ ќе може да се погледне изложбата „Игри и мечтаења“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија, во Факултетот за драмски уметности ќе се изведат повеќе театарски престави како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ ќе може да се ужива во изведбите на македонските традиционални ора од повеќе културно-уметнички друштва.
Во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет Американ колеџ. Во „Капан Ан“ ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова .
Предвидени се и многу други содржини за чија локација и време на одржување грашаните можат детално да се информираат на официјалната веб страница на Универзална сала www.univerzalna.com.mk/belanok.