Утре започнува протестот на камионџиите против новите правила на ЕУ, ќе се блокираат граничните премини

Со околу 370 камиони превозниците  утре напладне ќе ги блокираат граничните премини за товарен сообраќај на сите гранични премини за излез од Македонија, а од полноќ ќе ги блокираат и терминалите за влез во земјава.

Причината за ваквиот потег на превозниците, организирани преку Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“ се новите правила на Европската Унија за влез и излез во Шенген-зоната, според кои превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.

Предвидено е протестните блокади да траат седум дена, со можност во меѓувреме да бидат прекинати доколку се изнајде решение за проблемот.

И првиот и вториот ден ако се прати сигнал до надлежните органи на нашата држава дека ќе се направат средби за да се изнајде решение веднаш ќе ја прекинеме блокадата. Не сакаме да нанесуваме штета ни на себе ни на стопанството. Ќе се соочиме сите како регион голем број од превозниците да бараат решение, со префрлање на капиталот со префрлање на капиталот во други држави од ЕУ што би довело до колапс на целото стопанство, изјави Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

Ако ЕУ не најде начин за надминување на проблемот, тоа ќе значи колапс за економијата од Западен Балкан, неколкукратно ќе се зголемат трошоците за превоз, а со тоа и цената на производите, предупредуваат превозниците.

Според најавата за протестот, блокирани ќе бидат терминалите и сообраќаните ленти за камиони на граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“ и „Блато“.

Сепак, како што информираат од Министерството за внатрешни работи, додека трае протестот нема да има прекин, односно блокада на движењето на патничките возила, автобусите и возилата кои превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

Протестот на македонските камионџии е во координација со нивните колеги од Србија, Босна и Херцеговина  и Црна Гора кои исто така ги блокираат граничните премини кои водат кон Шенген-зоната. Тие ја имаат поддршката и од превозниците со камиони од Албанија, Косово и Турција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот