Усвоен буџетот за 2026-та, за капитални инвестиции во Ѓорче Петров ќе се потрошат 596 милиони денари
Советот на Општина Ѓорче Петров го усвои буџетот за 2026 година, кој, како што информираат од Општината, претставува реален, одговорен и развоен финансиски план, насочен кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и забрзување на локалниот развој.
Препорачано
Вкупниот буџет за 2026 година изнесува приближно 1,45 милијарди денари, при што речиси 60% се наменети за капитални расходи.
За капитални инвестиции се издвоени над 596 милиони денари, кои ќе бидат насочени кон: реконструкција и изградба на локални улици и инфраструктура, изградба и унапредување на детски градинки, значајни инвестиции во образованието, подобрување на јавната инфраструктура и осветлување, развој на спортот и рекреацијата.
Образованието останува еден од клучните приоритети, со значителни капитални и тековни вложувања во училишната инфраструктура, подобри услови за учениците и поддршка на наставниот кадар. Буџетот предвидува и зголемена поддршка за граѓаните преку субвенции, социјални мерки и трансфери, како и средства за поттикнување на локалниот економски развој, информираат од Ѓорче Петров.
Оттаму додаваат дека буџетот за 2026 година е балансиран и одржлив, изработен со строга финансиска дисциплина и јасна визија за развој на општината, при што секој денар е планиран со цел да донесе конкретен резултат и долгорочна корист за заедницата.


