Уште само струјата фалеше да поскапи

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Неуверливо е оправдувањето на претседателот на Регулаторната комисија дека цената на струјата ќе се зголеми за 100 денари месечно, земајќи пример сметка од 1.500 денари, а нечесно и невистинито е и да се извадат бројки од џеб, како што направи ВМРО-ДПМНЕ.

Во овој извонредно тежок економски период, за кој сите економисти се сложија дека е потежок и од времето на светската економска криза, зголемувањето на цената на струјата за 7,4 проценти – зголемување какво што одамна не се случило – е многу лош чекор. Неуверливо е оправдувањето на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, дека цената на струјата ќе се зголеми за 100 денари месечно, со земање за пример сметка од 1.500 денари.

Кај нас, сѐ уште голем дел од граѓаните се греат на струја, па дури и енергетски ефикасните инвертери, што толку многу се форсираат, исто така влечат струја и ги прават зимските сметки неколкупати поголеми од овие 1.500 денари. А и тропските горештини не одат во прилог на штедење струја. Од друга страна, нечесно и невистинито е и да се извадат од џеб бројки како што направи ВМРО-ДПМНЕ, кога нејзиниот портпарол Наум Стоилковски, без трошка срам, или знаење,  рече: „Ако се земе предвид дека граѓаните плаќаат во просек сметки по 3.000 денари месечно, поскапувањето ќе биде речиси 1.000 денари месечно“. Како тоа на сметка од 3.000 денари, поскапување од 7,4 проценти е 1.000 денари?!

Не верувам дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не знае математика, како што не верувам дека претседателот на Регулаторната комисија за енергетика не знае колкава е просечната потрошувачка на струја на едно домаќинство во Македонија. Затоа, еве ги податоците од Државниот завод за статистика. Според последните податоци, а кои се однесуваат за 2018 година, секој жител, на годишно ниво, во просек потрошил по 1.444 киловат-часови електрична енергија, што значи дека месечниот просек на едно четиричлено семејство е 480 киловат-часови. Разликата меѓу старата и новата цена за ова семејство е околу 160 денари на месечно ниво.

Но, еве и една реална пресметка за загревање на струја на стан од 60 квадратни метри – со комбинација од инвертер-клима и панелки. Со старата цена, за пресметковниот период од 14 јануари до 11 февруари годинава, фактурата за потрошена електрична енергија со пресметан ДДВ изнесувала 4.784 денари, при што биле потрошени 483 киловат-часови скапа струја и 496 киловат-часови евтина струја. Во 2021 година, за истата таа потрошувачка, со новите цени, зимската фактура ќе биде 5.141 денари, или 357 денари повеќе.

Поскапување на струја за 7,4 проценти, и потоа на тој износ калемење данок од додадена вредност од 18 проценти, што математички значи и поскапување од нешто повеќе од 7,4 проценти, дефинитивно не е мала работа. Бислимоски уверува дека нема да се отвори инфлаторната спирала, затоа што ова поскапување е само за домаќинствата, а не и за фирмите и дека оние мали фирми што не излегле на слободниот пазар и сѐ уште се под капата на регулираните цени, добиле уште пониски цени на струја. Но, сѐ си има свои последици. Граѓаните што ги дале парите за струја, нема да ги дадат за нешто друго. А, и во крајна линија, зошто баш граѓаните беа избрани да плаќаат за профитите на енергетските компании? Податоците зборуваат дека профитот за лани на ЕВН е 36 милиони евра, на МЕПСО 7 милиони и на ЕСМ 3 милиони евра.

Објаснувањето на првиот регулатор дека цената се зголемува поради тоа што приходите на енергетските компании се намалени поради намалената побарувачка е многу дискутабилно. А, што ако оваа зголемена цена донесе уште помала потрошувачка? Или, што ако заживувањето на економската активност доведе до поголема потрошувачка и кај домаќинствата и кај фирмите? Дали тогаш ќе ги честиме енергетските компании со цени што ги добија заради намалена потрошувачка? Периодот што ќе важи со овие цени е долг, дури до 1 јули 2021 година.

Граѓанскиот револт е голем. Граѓаните со свои коментари ги запалија социјалните мрежи, но решија и револтот да го однесат на улица. А за тоа има многу аргументи. Секогаш е опасно да се пипа во цената на струјата, исто како што е опасно да се пипа во каблите низ кои поминува електричната енергија. Опасноста сега е поголема од кога било. Уште само струјата фалеше до поскапи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот